Средба на премиерот Заев со кинеската амбасадорка Лисјен: Кина гледа голем партнер во новата Влада на Македонија и шанси за поголема економска соработка
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев предпладнето се сретна со амбасадорката на НР Кина во Македонија, Лин Лисјен.
Кинеската амбасадорка Лисјен му врачи писмо на премиерот Заев од премиерот на НР Кина Ли Кечијанг. Во новата Влада на Република Македонија, Кина гледа добар партнер и голем потенцијал за продлабочување на соработката помеѓу двете држави.
Кинеската амбасадорка Лисјен соопшти дека реформите што ги презема Владата на Македонија се во насока на политичка и економска стабилизација на државава, поради што Амбасадата на Кина ќе ги охрабри кинеските компании за влегување во економскиот пазар во Македонија.
„Владата е отворена за соработка со кинески компании што сакаат да инвестираат во Македонија и подготвени сме да ги обезбедиме сите потребни услови за тоа. Целта на Владата е да обезбеди нови работни места за граѓаните, повисоки плати, достоинствен животен стандард, а тоа може да се постигне само преку посветена работа на развој на економијата“, рече премиерот Заев.
На средбата договорено е да се интензивира економската соработка меѓу двете држави, преку нови проекти во рамки на Програмата на Кина, 16 плус 1 за земјите од Централна и Источна Европа, веднаш по решавањето на проблемите во изградбата на двата автопата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, во чијашто изградба учествува Кина.
Премиерот Заед соопшти дека веќе ги има првичните информации за повеќемесечниот застој на изградбата на автопатите, којшто е предизвикан од грешки во проектирањето, поради ненавремено решавање на имотно правни односи на првиот автопат и изместување на трасата на вториот. За таа цел премиерот Заев најави средба во најскоро време со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите, со цел изнаоѓање брзо решение.
Претседателот на Владата Заев најави и конкретни иницијативи и од страна на Владата на Македонија за проширување на економската соработка на НР Кина.
Премиерот Заев информираше дека веќе се остварени контакти со кинески компании за соработка во областите на енергетиката и градежништвото а најави и проширување на соработката во земјоделството.
Кинеската амбасадорка Лисјен ја поздрави определбата на Владата на Македонија за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. Амбасадорката Лисјен соопшти дека НР Кина ја поддржува Македонија во евроинтеграциите.
Премиерот Заев соопшти дека Република Македонија дава целосна поддршка на единствена НР Кина.
На средбата е заеднички поздравено традиционалното пријателство меѓу Македонија и Кина и е договорено унапредување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од интерес на граѓаните на двете земји.