Средба на премиерот Заев со австралиската амбасадорка Фини: Поддршка од Австралија за демократските реформи што ги спроведува Владата на Македонија
Претседателот на Владата на Република Маедонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со амбасадорката на Австралија за Македонија, Јулија Фини.
Амбасадорката Фини пренесе честитка до премиерот Заев од австралискиот премиер Малком Турнбул за стапувањето на должност претседател на Владата на Република Македонија.
На средбата заеднички се констатирани пријателските односи помеѓу Македонија и Австралија и изразена е согласност дека со политичка волја од двете страни има и потреба и простор за нивно унапредување.
Австралиската амбасадорка оцени дека крајот на политичката криза и определбата на новата Влада кон реформи го отвора патот на државата кон ЕУ и НАТО. Амбасадорката Фини соопшти дека Австралија ја поддржува Македонија во евро-атлантските интеграции.
Премиерот Заев изрази благодарност до големиот и важен пријател за Македонија како што е Австралија.
„Владата е насочена кон силна реформска агенда. Ќе ни биде потребна сета помош и поддршка и од Австралија којашто има искуство во демократските процеси. Подаваме рака и кон дијаспората од Македонија во Австралија да се вклучи во реформските процеси важни за Македонија“, рече претседателот на Владата, Заев.
Премиерот Заев истакна дека Владата води инклузивни политики со влучување на сите кои сакаат да придонесат во создавањето услови за квалитетен живот во Македонија.
Има согласност дека приоритет треба да имаат реформите што обезбедуваат владеење на правото и објективни медиуми коишто се носители на развојот на демократијата. Австралиската амбасадорка Фини вети помош и поддршка во овие сфери. Таа потенцираше дека е важно Македонија да се движи напред, како за граѓаните на нашата држава, така и за регионот.
Премиерот Заев нагласи дека со политиките на едно општество за сите на што ги темели политиките новава Влада, Македонија може да биде пример во регионални рамки и пошироко, како може да се надминат неизвесностите и да се овозможи достоинствен живот за сите граѓани.