(Видео) Хан: Гледам посветеност на новата Влада на реформите, ЕУ е подготвена да ја поддржи земјата
Почитувани дами и господа, премиер задоволство ми е што сум во Скопје и што можеме да разговараме за реформи кои се поврзани со интеграцијата во Европската унија и како да продолжиме напред. Најпрво да се заблагодарам и да им честитам на сите граѓани кои го слават празникот. Навистина го ценам фактот што Владата работи на празник, следствено и Вам Ви благодарам што ја покривате посетата на ваков ден. По вашата посета во Брисел, тука сум и можам да го посведочам оптимизмот и новата поволна клима во земјата. После сите настани кои ги посведочив во оваа земја, драго ми е што можам да видам една нова динамика во спроведувањето на активности, насочени кон постигнување на подобар живот за сите граѓани. Мојата порака за сите денес е да се сконцентрирате и да се сконцентрираме на задачите што претстојат. Сите одговорни актери, тука ги вклучувам и опозицијата и судството и сите релевантни институции кои треба да работат на создавање на модерно општество кое добро ќе функционира. Држава која ќе работи во интерес на сите граѓани без оглед на нивната припадност. Ова попладне ќе се сретнам и со партиските лидери на сите партии кои што се застапени во Собранието. Се надевам дека сите ќе одиграат позитивна, конструктивна улога и дека за разлика од минатото овој пат ќе имаме дебата која што ќе се води во рамките на институциите, односно во рамките на Собранието.
Јас ја поздравувам подготвеноста на Владата да работи заедно со опозицијата на прашања кои што се поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија. За ова прашање е потребен национален консензус и повторно ќе нагласам дека местото каде што треба да се води ова дебата и каде што треба да се постигне таквиот консензус се институциите, односно Собранието. Многу е значајно да се работи на реформската Агенда и да се исполнат Итните реформски приоритети и ве уверувам дека веќе од утре ќе почнат да пристигнуваат првите експерти кои ќе ви помагаат на тој пат и и во овие активности. Ќе пристигне и господинот Прибе со неговата група на експерти кои ќе ви помагаат.
Повеќе пати беше нагласена важноста на Итните реформски приоритети и важноста на преземање реформи, меѓутоа реформите не треба да се спроведат само за да се задоволат високи официјални лица од Европската унија, Европската Комисија. Потребно е реформите да се спроведат за да се подобрат условите за живот на граѓаните.
На крајот би сакал да ги пофалам позитивните чекори кои што ги направивте вие и вашиот министер за надворешни работи со вашите колеги од Бугарија и Грција. Од суштинска важност одново да се воспостават добро соседските односи.
Повеќе пати сум бил во вашата земја, но прв пат присуствувам на седница на Влада и се надевам дека ќе има можност да присуствувам и на други седници на Владата затоа што ако сакаме да ја постигнеме нашата заедничка цел ќе мора заедно да работиме.
ПРАШАЊЕ БРОЈ 1: Дали очекувате надминување на спорот со Република Грција?
ЗОРАН ЗАЕВ:
Благодарам на прашањето. Навистина ова е еден така да кажам процес кој што е исправен пред нас со сета своја сериозност и со сета своја суштина на самиот проблем како што е проблемот кој што Република Грција го има со нашето Уставно име. Јас сум убеден во неколку работи сигурно, а тоа е градењето на пријателска атмосфера. Меѓусебното зголемување на доверба во сите области дека ќе создадат минимум услови да се разговара отворено за вакво суштествено прашање како што е проблемот со уставното име кое што Република Грција го има. Јас сум убеден дека постои решение за се. Искрено очекувам да бидат ослободени перспективите на Република Македонија секако и од Република Грција. Голем дел од работите зависат од нас, но овде ни треба поддршката и помошта и од самите соседи. Секако тоа зависи и од Република Грција дали ќе биде ослободен патот на Македонија кон Европската унија и НАТО, а тоа е преку станување на полноправна членка на НАТО или поточно добивање датум, покана од страна на НАТО за полноправно членство и во делот на Европската унија добивање датум за отпочнување на преговорите. Секако верувам дека постои решение да се одблокираат процесите, а при тоа интензивно да се фокусираме и да изнајдеме решение и на ваков сериозен проблем. Амбиентот мора да биде создаден и во двете земји за решавањето на проблемот. Јас ги разбирам нашите Јужни соседи, пријатели на Република Македонија на кои што не им е лесно во поглед на ова прашање, но не е лесно и кај нас во Република Македонија да изнајдеме брзо решение на овој проблем. Во тоа име искрено ја барам поддршката и помошта од граѓаните на Република Грција, од власта, опозицијата, Владата, Парламентот, од сите да конечно Македонија го направи исчекорот, а тоа е исчекорот кој што го чекаме од 2005 година во поглед на нашите интеграции во Европската унија и на исчекорот кој што го чекаме во поглед на НАТО во 2008 година заради тоа што за Македонија алтернатива нема, освен полноправно членство во Европската унија и НАТО.
ЈОХАНЕС ХАН:
Немам што да додадам во врска со прашањето за името. Во контекст на Европската Комисија, Европската унија, ова е прашање на кое што треба да работат двете земји. Како Комисија секако е од наш интерес да дојдеме до фаза во која што ќе можеме да дадеме позитивна препорака. Но ова е тесно поврзано со напредокот што ќе се постигне во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Затоа сум денес тука, утре пристигнува Прибе, задутре доаѓаат претставници, мојот Генерален директорат да и помогнат на Владата во постигнувањето и исполнувањето на тие приоритети. Впрочем, да помогнат во исполнувањето, постигнувањето на нашата заедничка цел.
ПРАШАЊЕ БРОЈ 2: Како ги коментирате изјавите на пратеникот Дудуш?
ЗОРАН ЗАЕВ:
Прво, почит на високиот гостин кој што е во Македонија и би сакал да се придржуваме кон темата, но ќе дадам кратки одговори затоа што ви се важни. Коментарите на нашиот пратеник се апсолутно нешто за кое што ниту јас, а ниту Владата, ниту мнозинството се согласуваме. Се надевам ќе се извини и ќе ги повлече, заради тоа што тоа не е наш интерес. Граѓаните мора да бидат еднакви пред Закон и за граѓаните мора Законите да важат исто и сите да бидат исти пред институциите, заради кои што тие институции и постојат. Апсолутно само тоа е возможно за иднината на нашата заедничка Република Македонија.
Во поглед на прашањето за унапредување на Законот за употребата на јазиците е дел од приоритетите кои што се составен дел на оваа Агенда за која што е денеска дискутиравме. Дел на Охридскиот Рамковен договор, знаете дека е едно од важните прашања со кое што сакаме да ги затвориме тие поглавја е унапредувањето на Законот за употреба на јазиците. Согласно сите процедури и штом ќе биде се подготвено, јас сум поддржувач да ова прашање биде отворено на дебата и да се дискутира и да бидат донесени самите одлуки. Знаете дека нашите ставови по ова прашање се многу јасни. За нас јазикот е алатка да се разбереме и апсолутно немаме никакви предрасуди. Впрочем ја повикувам и сегашната опозиција со најави за позитивен однос кон граѓаните од Албанско етничко потекло да бидат навистина на висината на таа најава и конечно сите да донесеме заедничка консензуална одлука и по основ на ова прашање. Впрочем претходната Влада во два наврати направи унапредување на Законот за употреба на јазиците.
ПРАШАЊЕ БРОЈ 3: Не слушнавме до сега детали околу реформите кои што ќе ги спроведете во правосудството. Дали може да ни откриете нешто од вашите планови?
ЗОРАН ЗАЕВ:
Денеска презентиравме пред Комесарот Хан наш Акциски план. Тоа е една од претпоследните фази на кои што работиме. Секако следува состанокот со претседателот или шефот на експертската Комисија на Европската Комисија, а тоа е господинот Рајхан Прибе со кој ќе одржиме состаноци и други високи претставници овде. Целта ни е на 1 јули да го заокружиме овој Акциски план и најтранспарентен начин, на нај јавен начин, јавно достапен начин да го објавиме тоа пред граѓаните. Секако сериозно внимание има на многу области за кои што се обративме и јас и Комесарот во нашите видувања. Една од тие сериозни области се реформите во правосудството.