Тевдовски: Настојуваме да обезбедиме што пониска цена на задолжување
Јавниот долг е значително пораснат и мора да се преземат активности за тоа да се реши. Нашето настојување е да обезбедиме што пониска цена на задолжување, односно што помала каматна стапка што би ја плаќале граѓаните, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тевдовски на прес-конференција нагласи дека Министерството останува отворено и јавно кажува дека задолжувања ќе има, но пред се на домашниот пазар каде каматните стапки се пониски. Парарелно, рече, се следат и состојбите на надворешниот пазар, за евентуално да се издаде и еврообврзница под најповони услови, за наредната, 2018 година.
- Нашиот план е да одиме со домашно задолжување, но постојано ги следиме состојбите и не ја исклучуваме можноста да одиме на надворешниот пазар ако мислиме дека во тој момент би се платило најниска цена. Сега размислуваме како би се покривала 2018 година, но јавноста треба да биде сигурна дека со нашиот план и овие услови на домашниот пазар, ќе можеме без проблеми да ја покриеме годинава, истакна министерот.
За да се реализираат постојните расходи во Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии ќе почне на домашниот пазар да повлекува поголеми износи од оние кои достасуваат, односно, како што најави Тевдовски, ќе се зголеми нето повлекувањето на државни хартии од вредност. Истовремено, ќе се намали фреквенцијата на оддржување аукции на државни хартии од вредност, на два пати месечно.
- Ова го правиме со намера да се поттикне секундарното тргување со државните хартии од вредност, каде ќе се јават инвеститори кои имаат потреба од ликвидни средства на покуси рочности од оние кои се нудат на редовните аукции на државата, објасни министерот.
Одговорајќи на новинарско прашање, потсети дека од претходната обврзница се останати 203 милиони евра, средства кои е предвидено да се користат за покривање на старите надворешни задолжувања.
Тевдовски потенцира дека од моментот на стапување на должност на новата Влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување, туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност кои во тој момент достасуваа.