Здравствен систем по мерка на пациентите и докторите во 2012 година

Унапредување на здравствената заштита, поголемо задоволство на пациентите, подигнување на квалитетот на здравствените услуги, модернизација на апаратурата, едукацијата на докторите и обновување на инфраструктурата, се главни приоритети во 2012 година на министерот за здравство Никола Тодоров, што, според него, подразбира и натаму работење со полна енергија и посветеност во реализацијата на веќе започнатите проекти.
 
Тој најави продолжување на активностите за унапредување на условите за работа на лекарите, за подобрување на нивниот статус и материјалната состојба, за реализација на втората и трета фаза од проектот за реконструкција на јавните здравствени установи, за нивно опремување со нова апаратура, за реализирање на проектот за дополнително наградување на врвните лекари, како и за унапредување на системот на доделувањето специјализации.
 
- Во таа насока е и зголемувањето на Буџетот на Министерството за здравство за следната година за 26,7 проценти. Најголем дел од средствата се наменети за реализација на превентивните и куративните програми. Така, програмата за обезбедување инсулин за болните од дијабетес е зголемена и вкупно ќе изнесува 560.000 денари. Исто така, повеќекратно е зголемена и Програмата за ретки болести, за која во 2011 година беа издвоени 10 милиони денари, а во 2012 година за оваа програма се предвидени 60 милиони денари, посочува Тодоров.

Меѓу другите поголеми набавки за следната година кои се најавуваат, се набавката на вакцини, за која ќе бидат издвоени 207 милиони денари, како и набавката на метадон (38 милиони денари), а доволно средства се обезбедени и за лекување на болните од дијализа, за обука на здравствените работници и за реализација на останатите проекти за унапредување на системот и на здравствената заштита во Македонија.

- Имплементацијата на измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински помагала, кој е во собраниска процедура и се очекува да биде усвоен на почетокот на следната година, е меѓу позначајните новини, чии бенефити ќе се почувствуваат во 2012 година. Со овие измени се предвидуваат сериозни промени и регулација на системот и пазарот на лекови. Најзначајна новина е овозможувањето паралелен увоз на лекови односно еден ист лек од ист производител да може да се увезува на територија на Македонија, појасни министерот Тодоров.

Паралелниот увоз на лекови ќе можат да го вршат и здравствените установи за сопствени потреби, а со измените е предвидена и детална регулација на пазарот од аспект на известување на веледрогериите односно производителите за нивната намера за повлекување од промет на лек регистриран и ставен во употреба во Македонија.

На 5 јануари завршува рокот за одобрување на новите цени на лековите, како резултат на примената на новата Методологија за формирање на единствените цени на лекови, мерка од која се очекува брз ефект за намалување на цените на лековите кои се регистрирани во Македонија.

Сето ова, смета Тодоров, ќе придонесе за поголема достапност на лековите до граѓаните кои лековите ќе ги набавуваат по поевтини цени, како и поголема заштеда за здравствениот систем, кои се издвојуваат за набавка на лекови, а непосредна директна и индиректна полза ќе имаат и сите граѓани на Република Македонија.

- Од 1 јануари 2012 година на целата територија на државата, согласно измените на Законот за здравствена заштита, почнува задолжителната примена на новиот модел за упатување на пациентите, со кој се опфатени сите јавни здравствени установи и ординации по примарна здравствена заштита по општа медицина, гинекологија и општа стоматологија и ПЗУ специјалистички ординации со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор, посочи Тодоров. 

Според него, пилот-фазата ги исполнила очекувањата во однос на ефектите бидејќи примарна цел била да се постигне намалување на бројот на пациенти кои добиваат амбулантски или болнички третман на универзитетските клиники во Скопје и да се постигне зголемување на бројот на пациенти кои оваа услуга ја добиваат во секундарно ниво.

Во насока на подобрување на квалитетот на услугите, посебно од аспект на зголемување на задоволството на пациентите, Министерството за здравство,  презема  конкретни чекори за строго почитување на протоколите и стандардите за хигиена во јавните здравствени установи во државата, што, според Тодоров, мора да се почитува во секое време, бидејќи тоа е основата без која не може да се зборува за подобрување на условите во болниците и за имиџот на ЈЗУ во државата.

Тој потсети дека уште на почетокот на неговиот мандат најавил дека за да се постигне подобар квалитет на здравствената услуга и задоволството на пациентите, што впрочем е и првата моја цел како министер, мора да се постигне еден вид на баланс на задоволството на пациентите и здравствените работници.

- Следната година продолжува реализацијата на четиригодишниот кајзен-концепт, со цел подобрување на  менаџирањето и добивање поквалитетни услуги во здравството. На почетокот на јануари, е планирана работна посета во Тетовската клиничка болница, а потоа продолжуваме со мониторинг и во останатите болници. Со Синдикатот се планирани работни средби со стручните колегиуми на здравствените установи на кои ќе разговараме за проблемите, потребите, очекувањата и размислувањата на оние кои во својата работа ја практицираат медицинската дејност. На тој начин, првпат во Македонија промовираме систем на креирање здравствена политика близок до здравствените работници, додаде министерот Тодоров.