Заев: Важните одлуки за животната средина ќе ги носиме заедно со екологистите
Премиерот Зоран Заев денес, во својот кабинет ги прими екологистите од невладината организација „Еко-свест“.
На средбата беше разговарано за потребата од подобрување на пристапот до информации како и за можностите за поголемо учество на јавноста, особено на стручната, при носењето на одлуките кои се однесуваат на животната средина.
Премиерот Заев им се заблагодари на екологистите за нивниот ангажман, нагласувајќи дека поради нивната работа граѓаните и политичарите станале свесни за проблемите со загадувањето и опасностите по животната средина. Претседателот на Владата на Република Македонија изрази подготвеност Владата да го поддржи активизмот во насока на изнаоѓање најдобри решенија за ваквите проблеми, особено оние кои се однесуваат на аерозагадувањето.
Тој, исто така, како потврда на своите заложби, истакна дека веќе е пуштен во процедура закон со кој се предвидува планирање на поголеми зелени површини во урбаните средини при носењето на урбанистичките планови.
Премиерот го поздрави меѓусебното организирање и заедничкиот настап на еколошките организации, и се заложи нивните видувања и аргументи да наидат на отворен прием и да бидат слушнати од надлежните институции.
- Ве охрабрувам да бидете критични кога треба, и да давате предлози кога сметате дека е неопходно за подобрување на состојбата, затоа што здравјето на граѓаните е еден од врвните приоритети на нашата Влада. Нема да изгубиме ништо ако се здружиме. Напротив, можеме само да добиеме со тоа што ќе ги споиме сите наши капацитети – истакна премиерот за време на средбата.