Заев: Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред
Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија покажува дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, прашањата ќе се решат.
Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред.
Заедно, го поставивме минатото како темел на иднината и со тоа отворивме пат за стабилност и развој за двете држави и за балканскиот регион.
Затворивме прашање со кое недвосмислено го трасиравме патот на пријателството, добросоедството и соработката меѓу нашите две земји. Овој договор е взаемен успех, но и взаемен придонес кон политичка стабилизација и во државите и на регионот на којшто припаѓаме. Oвој успех нека биде идеја, пример, модел за соработка за регионот и пошироко.
Владата на Република Македонија се определи да води политики на решенија, а не на проблеми. Во Владата на Република Бугарија видовме конструктивен партнер со исти цели.
Република Македонија и Република Бугарија, со овој Договор покажаа одговорност кон своите граѓани. Ова наше пријателство и добрососедство е пример како долгогодишна кочница може да се претвори во мотор за соработка и поврзување на народите, за подобрување на животот на граѓаните и за развој на регионот.
Договорот обезбедува отворени шанси за економски развој на Македонија и на Бугарија, и меѓусебна соработка во сите други области, значајни за квалитетот на живот на граѓаните на нашите земји и во регионални рамки. Оваа соработка ќе помогне за унапредување на патната и гасната инфраструктура меѓу двете држави, ќе ја зголеми размената на стоки, услуги и капитал и ќе обезбеди царински и гранични олеснувања за граѓаните.
Вниманието на Европската унија и на НАТО е свртено кон определбата на државите од регионот да соработуваат, затоа што прашањето на добрососедските односи е прашање на капацитетот на зрелост да се надминуваат предизвиците низ меѓусебно разбирање и почитување, како врвни демократски вредности.
Затоа, овој Договор помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е и значајна порака до ЕУ и НАТО, дека земјите од регионот имаат политички раководства кои градат мостови поддржани од демократски определени граѓани. Балканот и Југоисточна Европа се однесува европски и ги заслужува евро-атлантските перспективи.
Република Бугарија од денеска е уште поголем пријател на Репблика Македонија и наш сојузник во евроатлантската перспектива.
Мојот народ денеска има полно право да биде среќен поради овој чекор што го направија Република Македонија и Република Бугарија.