ВОНРЕДНА ИНФОРМАЦИЈА за пожарите во Р. Македонија и состојба до 18:00 часот

РЦУК – Скопје, известува дека во 14:10 часот се појавил пожар кај с. Осинчани, за што од страна на РЦУК Скопје известени се ШС Караџица, а испратена е екипа од БППЗ на град Скопје да интервенира. Во овој реон приметен е и пожар кај с. Јаболце (опш. Сопиште).

Во 16:15 часот примиле дојава за пожар над с. Волково за што се известени ШС Караџица и БППЗ на град Скопје (опш. Ѓорче Петров).

Во 16:30 часот примиле дојава за пожар над с. Бојане кон с. Копаница кој брзо се шири за што е јавено на ШС Караџица (опш. Сарај).

Пожар кај с.Орешани, е активен и во 16:35 часот добиле известување дека пожарот ја поминал Орешанска река е оди кон неколку стаји кај с. Вражале. Зафатена е нискостеблеста шума – смрека. Барале екипа од БППЗ да оди на тој дел, но трите екипи кои се на терен интервенираат кај викенд населбата.

Во 16:55 часот, домарот во манастирот Св. Никола Шишевски јавил дека пожарот на Матка повторно се активирал. Гори над карпата и има сознанија дека се префрлил на другата страна кон с. Шишево, а постои опасност кон Водно да тргне. Во 17:40 часот добиле јавување дека веќе ја сменил насоката кон манастирот Шишевски и брзо се шири. Јавено веднаш на ЈП „Паркови и Зеленило“ кои веќе формирале екипа за гаснење и која работи на сртот за гасење бидејќи теренот е непристапен. Известен е и градоначалникот на општината Сарај (опш. Сарај).

Во 17:40 од жител на с. Света Петка им било јавено дека пожарот кај Барово брзо се разгорува и прети да ја зафати боровата шума кон Водно. На лице е упатена екипа од 10тина лица од ЈП Паркови и Зеленило. За ова е известен и градоначалникот на општина Сопиште.

За пожарот кај с. Моране, БППЗ има 3 екипи со 8 пожарникари.

Покрај ова БППЗ надвор од градот имаат екипи на следните места:

  • Долна Матка – една екипа дежура цело време;
  • од 15:10 часот, кај с. Рашче, 1 возило со 3 пожарникари и една екипа со возило од ЈП Комунална Хигиена (опш. Сарај);
  • од 15:17 часот, една екипа со 3 пожарникари кај с. Елово (опш. Студеничани);
  • од 17:00 часот, една екипа со 4 пожарникари кај с. Никиштани (опш. Ѓорче  Петров).

РЦУК – Охрид, известува дека пожарот во атарот на с. Требовље и с. Растеш сеуште е активен и во гаснење на истиот ангажирани се следните сили и средства:

  • 30 лица од АРМ за пожар во с. Требовље и дел од атар на с. Растеш;
  • Во 15:30 часот интервенирале 2 хеликоптери;
  • 3 лица од месно население од с. Растеш и 1 лице од с. Заграда и околу 20 доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје;
  • Пожарот од атарот на с. Растеш се прошири на атарот на с. Волче и постои опсност од опожарување на селото. Исто така истиот пожар не се исклучува можноста да се прошири во атарот на населените места Битово и Заград.
  • 5 лица од ШС „Сандански“ – Македонски Брод што беа ангажирани за дејствување на пожарот во с. Растеш, пренасочени се према пожарот што иде во правец на Војник од атарот на село Близанско.
  • Во врска со пожарот на атарот на с. Близанско, м.в. Брдо и м.в. Круша, повторно се активира и истиот се движи према м.в. ФОЈНИК и постои опасност да бидат загрозени предавателите и истиот доколку не се стави под контрола постои опасност да префрли во атарот на село Брест.
  • На пожарот во с. Девич ангажирани се 5 лица од ШС „Сандански“ – Македонски Брод и пожарот го контролираат и горните куќи од с. Девич не се загрозени, но пожарот е активен и со намален интензитет на м.в. ПОПЕЦ.

На пожарот во атарот на с. Могилец интервенираат ТППЕ Македонски Брод со 2 ПП возила, 20 лица од месното население и 5 лица од ШС „Сандански“. Пожарот се шири према атарите на селата Клуќерец и Инче према м.в. ДАБ, како и према атарот на с. Модриште. Гори дабова и борова шума. Од 17:00 часот интервенираат и два авиони на ДЗС. Во с. Могилец опожарени се 2 напуштени дотраени куќи, 3 куќи во кои живеат луѓе од селото и 1 куќа е делумно оштетена.

Интервенираат и ТППЕ Прилеп со 3 пожарникари и 1 ПП возило.

На пожарот во с. Слатина нема ангажирано лица бидеќи истиот е со намален интензитет и на поедини места горат ниско стеблести дрва.

РЦУК – Битола, ја пренесува информацијата од ТППЕ Крушево во која се наведува дека пожарот кој започна на ден 02.08.2017 година во атарот на с. Подвис сеуште е активен. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума, сува трева и стрништа. Поради високите температури, правецот на ветерот  и непристапноста на теренот отежнато е гаснењето. Пожарот се шири од  пределот по ридот према с. Алданци. Екипа од 2 пожарникари се на терен и ја следат состојбата, а во соработка со ЕЛС Крушево, договорено е на истиот во раните утрински часови да се испратат екипи од ТППЕ и ЕЛС Крушево за негово целосно ликвидирање.

ШС „Црн Бор“ – Прилеп,  известува  дека пожарот во атарот на селата Дрен – Смолани, е активен и веќе се проширува на горниот дел на планината, каде предходно имаше извршено сеча. Екипата од 8 работници е сеуште на местото на настанот. Побарана е помош од ТППЕ Прилеп, но со образложение дека немаат слободна екипа  не можат да учествуваат на пожарот. Од страна на ШС Црн Бор имале слободни работници, но немале превоз за да појдат до местото на настанот. Зафатена е претежно ниско стеблеста дабова шума, чалија, смрека и др. Се работи за непристапен терен.

РЦУК – Тетово, известува дека во реонот на Тетово активни се 2 пожари на отворен простор и тоа:

  • Над с. Копанце каде гори површина обрасната со сува трева и ситна деградирана шума на Планината Жеден. Истиот по сртот на планината е проширен кон с.Туденце, а се движи и во правец на с. Бојане (опш. Сарај – Скопје).
  • Во атарот на с. Гургурница (опш. Брвеница) активен е пожарот со кој гори сува трева и пасишта. Од ЕЛС Брвеница добиле информација дека во гаснење на пожарот учествуваат 50тина лица од месното население. Во опасност се доведени шталите и пасиштата на кои се напасува ситен и крупен добиток од околу 3.000 – 4.000 грла.

Во општина Гостивар, активен е пожарот во атарот на с. Корито и истиот е на 5 – 6 км од селото. Екипата од ТППЕ Гостивар е вратена од терен поради неможноста да интервенира. Според нив зафатена е површина од околу 16 хектари.

РЦУК – Велес, известува дека пожарот во атарот на с. Дреново, во месноста Дреновска Корија е активен и со истиот зафатена е шума под даб, јасен и бука, на голема површина. Во 17:35 часот од шумарот добиле информација дека пожарот е активен со јак интензитет, а во меѓувреме подметнати се уште два пожара на блиска локација. На терен биле 2 шумари од ШС „Бабуна“ – Велес. Пожарот полека се движи кон планината Лисец.

Во врска со пожарот во атарот на с. Богомила во месноста Црвен Дол, во 13:30 часот, од терен добиле известување дека пожарот е активен.

Во 17:45 часот од ШС „Бабуна“ – Велес добиле информација дека делот од пожарот кој се закануваше да го зафати манастирот св. Спас и селото Богомила е изгаснат со помош на авионите на ДЗС и екипи на ШС и ДЗС Велес. Другиот дел од пожарот е активен и се движи кон прилепска страна. Екипите се повлекуваат од терен и со гасење ќе се продолжи утре.

Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, теренот е исклучително опасен и непристапен за гасење и во моментов никој не гаси.

РЦУК – Куманово, известува дека ТППЕ Куманово имаат 3 интервенции и тоа:

  • Од 12:25 часот, 3 пожарникари со 2 ПП возила гаснат запалено стрниште на Никујски пат кај место викано Почивало;
  • Од 12:40 часот 3 пожарникари со 1 ПП возило гаснат запалена сува трева кај с.Лојане;
  • Од 13:25 часот, 3 пожарникари со 1 ПП возило гаснат запалено стрниште во атарот на с.Ропајце и с.Виштица.

ТППЕ Кратово, од 16:13 часот, со 2 пожарникари и 1 ПП возило интервенираат поради  запалена сува трева и нискостеблеста деградирана шума со површина од 2 хектари во с.Стрновац. Пожарот е локализиран, но не е целосно изгаснат.

Дежурен оперативен центар на Центарот за управување со кризи на Р.Македонија,
телефон 02/3249-211, 02/3249-212;
факс: 02/3249-213, 02/3136-226;
e-mail: situacionen.centar@cuk.gov.mk