Премиерот Заев: Поддршка за семејствата на загинатите бранители
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска оствари средба со Владо Стојанов, претседател на здружението „Бранители - херои на Македонија од 2001“.
На средбата се разговараше за досегашната државна помош за семјствата на загинатите бранители и за опциите за продолжување на поддршката.
Премиерот Заев укажа на определбата на Владата на Република Македонија да работи како сервис на граѓаните на Република Македонија и во тој дух истакна дека владата се става на располагање на семејствата на загинатите бранители во изнаоѓањето решенија за нотираните проблеми согласно законските прописи и уредби.
На средбата беше посочено дека неколку семејства на загинати бранители од редовите на полицијата во 2001 година сè уште не се обесштетени за нематеријална штета, други семејства имаат потреба од здравствени услуги предвидени со законот, или од еднократна помош за услуги од стручни лица и дефектолози за работа со деца со посебни потреби.
Во име на Владата на Република Македонија, премиерот Заев и министерот Спасовски, порачаа дека барањата и предлози од здружението „Бранители-херои на Македонија од 2001“, ќе бидат сериозно разгледани и ќе бидат изнајдени решенија согласно законските прописи.