МИОА Манчевски: Наследивме нефункционален и непотполнет Регистар на вработени во јавниот сектор, МИОА ги проверува базите на сите институции
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска одржа прес конференција. Министерот Манчевски се осврна на Регистарот на вработените во јавниот сектор, што не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени.
Од 1302 институции во Македонија, 197 институции немаат побарано согласност од МИОА и немаат активна систематизација, а 150 и покрај одобрената систематизација не внесувале податоци во Регистарот, посочи Манчевски. За останатите институции постојат сериозни индиции дека голем број на податоци не се уредно пополнети.
МИОА во моментов, прави проверка на сите институции поединечно. Тоа што може да се заклучи од досегашната проверка е дека се работи за поголем проблем со податоците за вработените во јавниот сектор од тоа што беше очекувано.
МИОА до Државната изборна комисија, вчера достави податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена.
Податоците се добиени како резултат на вкрстување на бази на податоци од повеќе различни институции. Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика.
Проблемот во Регистарот се рефлектира и на „Годишниот извештај на вработени во јавниот сектор“.Како резултат на непотполниот Регистар, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции како што се Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии. Како што истакна министерот Манчевски, МИОА работи на надминување на проблемот со цел што поскоро да имаме функционален регистар.