Заедничко соопштение за јавност на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ денеска во долг и отворен телефонски разговор ги разгледаа сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави и постигнаа взаемна согласност за следниве работи:
1. Република Македонија и Република Србија, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.
2. Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за соочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија.
3. Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
4. Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија.
5. Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.