Средба на премиерот Заев со претставици на стечајните работници: Поздравена е отвореноста и одговорноста на новата Влада низ дијалог да го реши долгогодишниот проблем
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска се сретна со координаторите на стечајните работници од Здружението на стечајни работници Унит 1 на ниво на Република Македонија.
Претставниците на стечајните работници го поздравија чекорот на новата Влада за законско решавање на прашањето на стечајните работници, кои не беа опфатени во досегашните селективни законски решенија. Тие пренесоа искуства за долгогодишни егзистенцијални и институционални проблеми и изразија благодарност за одговорноста на новата Влада да го спроведе ветеното и пристапи на решавање на проблемот во првите 100 дена од формирањето и на соодветен начин.
„Владата е посветена на потребите на граѓаните и на затворање на проблемите со коишто се соочуваат, низ комуникација и дијалог со засегнатите страни, со квалитетни и ефикасни системски решенија, како што е утврден и овој предлог закон заедно со стечајните работници“ рече премиерот Заев.
На средбата беа дискутирани опфатот и условите што ги предвидува Предлог законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, којшто го усвои Владата и е веќе во собраниска процедура, со цел точно информирање на сите граѓани кои имаат основ да го остварат ова законско право.
Договорено е да продолжи директната комуникацијата со претседателот на Владата, Заев, со министерката Царовска и со Министертсвото за труд и социјална политика, со цел да им се помогне на стечајните работници да го остварат своето законско право. За да им се овозможи на работниците да ја комплетираат потребната документација, Владата во законското решение предвидува рок од една година во којшто тие ќе можат да го остварат законското право.