Премиерот Заев: Нагласениот интерес на германските компании за бизнис во Македонија го потврдува реформскиот курс на владата
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со директорот на Делегацијата на германското стопанство во Република Македонија, Патрик Мартенс.
Господинот Мартенс, во име на над 200 компании членки на Унијата на германските комори за индустрија и трговија во Сојузна Република Германија изрази благодарност што премиерот Заев покажа респектибилно внимание за активностите на делегацијата. На оваа средба директорот Мартенс соопшти дека Делегацијата на германското стопанство во Скопје од пред 8 месеци го подигна својот статус заради исклучителната позитивна трговска размена меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија, но и пред сѐ, заради препознаените позитивни и нагласено реформски процеси што ги отпочна новата влада.
Оваа клима, како што истакна господинот Мартенс, е во целосна согласност со целите на Делегацијата на германското стопанство во Република Македонија преку кои се обезбедуваат информации и друга логистика и олеснување за олеснување на бизнисите на германските компании, како и на македонските, кои сакаат да воспостават бизнис релации со компании во Германија.
Премиерот Зоран Заев истакна дека оваа информација потврдува дека определбата на новата влада во однос на поддршката на странските и домашните инвеститори да се обезбеди правна сигурност за нивните бизнис потфати, како и еднаков пристап на сите бизнис иницијативи кон квалитетни услуги на државните институции и јавната администрација, е добар сигнал за реформскиот курс на владата.
Според зацртаните заложби на Делегацијата германското стопанство, директорот Мартенс информираше дека оваа асоцијација за кусо време ќе им понуди на германските компании во Република Македонија, како и на македонските, стручни тренинзи за нивните вработени, особено во делот на обуки за управувачи со автоматизирани процеси и машини со современа технологија кои ќе им овозможи на работниците да се стекнат со знаења и вештини кои се нопходни во компаниите кои користат нови технологии.
Премиерот Заев истакна дека оваа информација е од извонредно значење за една од централните иницијативи на новата влада – проектот „Младинска гаранција“, кој има за цел да овозможи полесен пристап на младите кон конкурентни работни места и изрази поддршка за оваа иницијатива, како и за другите акции на Делегацијата на германското стопанство во Република Македонија.