Премиерот Заев ја прифати поканата да биде покровител на петтата светска средба на децата бегалци од Егејска Македонија

Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, и министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, примија во работна посета делегација на претставници од Сојузот на здруженијата на Македонци од Егејска Македонија и претставници од Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија, од Здружението на македонци потомци од Егејска Македонија, како и претставници од Здружението „Незаборав“ од Струмица.


Делегацијата официјално го покани премиерот да биде покровител на петтата конференција на децата бегалци од Егејска Македонија, која е планирана да се оддржи од 19 до 21 јули следната година во Скопје.


Премиерот Заев истакна дека прифаќањето на оваа покана за него значи афирмација на соработката на Владата на Република Македонија со Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија.


Претставниците на здруженијата исто така го поздравија склучениот договор со Република Бугарија, како позитивен чекор во градењето пријателски односи со соседите, и искажаа поддршка во напорите да се подобрат односите со сите соседи и со Република Грција. Во оваа прилика тие истакнаа дека, според нив, има многу нешта што можат да се искористат како појдовна точка за градење на подобри односи со Република Грција.


Сојузот, во оваа прилика побара помош од премиерот за решавање на нивниот проблем со простории за работа, откако претходно биле насилно исфрлени од просториите во кои престојувале и делувале. Претседателот на владата Зоран Заев, порача дека проблемот ќе биде решен, затоа што, како што потенцираше тој, определбата на владата е да им помага на сите свои граѓани.


Во пресрет на големиот национален празник, Денот на независноста на Република Макеоднија, претставниците на здружението „Незаборав“ од Струмица, потсетија на нивниот придонес во референдумот за осамостојување на Република Македонија во 1991 година.


Претставниците на Сојузот на здруженијата, исто така ја поздравија подготвеноста за соработка кај министерот Едмонд Адеми, за кој рекоа дека им излегол во пресрет и несебично ги поддржал нивните идеи и заложби за возобновување на нивната активност.