Премиерот Заев од фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица: Ги славиме независноста, слободата на државата и на театарската уметност

Почитувани граѓани на Струмица, почитувани граѓани на Република Македонија, почитувани гости и љубители на театарот и на актерската уметност,


Дозволете ми да ги изразам моите најискрени чувства, и посебна радост што вечерва имам чест да говорам пред вас, на отворањето на 25-тото издание на најзначајниот театарски фестивал за актерот и актерската игра – Фестивалот на камерниот театар „Ристо Шишков“, и на денот кога пред 26 години граѓаните на нашата земја референдумски донесоа историска одлука – прогласија независна Република Македонија.


Пред 26 години, на 8-ми септември граѓаните на Република Македонија, на сите идни поколенија на оваа земја, им го дадоа најголемиот подарок - Независноста на државата.


Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни.

Но, овој скапоцен подарок го добивме заедно со одговорноста и должноста, независноста и слободата да му ја дариме, да му ја пренесеме, на секој граѓанин на нашата земја. Без исклучок. Зашто, државата и општеството се независни и слободни толку, колку што е независен и слободен секој граѓанин на Република Македонија.


Тоа е новата вредност на независна и слободна Република Македонија. Независноста е среќа, независноста е спокојство и мир, независноста е насмевката на слободните граѓани, на сите граѓани во Слободна Македонија, која живее слободно!
Оваа вредност беше сонот и на еден актер, на нашиот сограѓанин Ристо Шишков.


За Ристо Шишков се вели дека беше една исклучително силна личност. Една експлозивна енергија која беше силна и нескротлива. Една бунтовна и независна природа која можеше да се изрази само на сцената на театарот.


На сцената на животот тоа не му беше дозволено.


Сонот, кој тој го сонуваше во тоа време, денеска е реалност: Македонија слободна – слободно живее!
Слободата и независноста на актерот, се во суштината на театарската уметност. Во исто време, тоа се суштински и автентични вредности за секој човек.


Театарот, театарската сцена, глумците и понатаму остануваат важен остров на човечката автентичност. Таа човечка автентичност е нешто што треба секогаш да настојуваме да го заштитиме, бидејќи токму таа човечност ќе не заштити од притисокот на отуѓената технологија и од ризикот од отуѓена политика, која до сега знаеше да се претвори во апарат за контрола на луѓето и за злоупотреба на власта.


За мене не е прифатливо тврдењето дека денес театарот губи од своето некогашно значење, од својата важност, под притисок на интернетот и под притисок на телевизијата и филмот.


Јас застапувам поинакво мислење. За мене театарот и понатаму е силен медиум со чие посредство, со атрактивни и предизвикувачки претстави на сцената, пред публиката се разобличуваат негативните појави со кои се соочува светот денес, и, во исто време, се посочуваат добрите сили, кои во себе ја носат светлината и надежта.


Зошто е ова важно? Важно е затоа што театарот не е само уште еден тип на уметност, уште еден канал за комуникација. Да, тој е сето тоа, но, во исто време, театарот е единствената уметничка форма во која човекот актер му се обраќа на човекот во публиката. Човек на човек. Затоа театарот не е само сценско раскажување приказни. Театарската сцена е место за средби меѓу луѓето, меѓу актерите и публиката.


Театарот е место за жив разговор за човекот и општеството.


За судирот меѓу нив.


За љубовта и за гневот.


Бидејќи театарот, во својата суштина, е и слобода на говорот и на изразувањето, дијалог меѓу слободни луѓе за мистериите на светот, неизбежно доаѓаме до заклучокот дека актерите низ драмата на ликовите што ги играат на сцената, водат дијалог со публиката за толеранцијата, зе меѓусебното разбирање и за почитувањето на другиот.


Фестивалите се за да го празнуваат и тоа.


Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица за прв пат се одржа во 1992 година во Струмица, само една година по независноста на нашата држава и со тоа покажа дека и градот, како и државата, се впуштија во создавањето нови културни вредности.


Низ годините што следуваа фестивалот прерасна во особено значајна манифестација на културната мапа во нашата држава. Со својот раст и развој се издигна во меѓународни рамки и претставува театарски празник кој секоја година со внимание масовно го следи публиката од Струмица, од целата наша земја, како и од регионот.


Чест и привилегија е да се биде уметник, учесник, посетител на овој фестивал, кој ја одржува вербата и љубовта кон театарот на највисоко ниво.


Ви посакувам на сите, фестивалските денови да ви бидат исполнети со сеќавања, спомени, но и размена на креативна енергија и позитивна мисла. Тоа е секогаш одлика на овој фестивал. Патоказ и поттик за актерите за достоинствено негување и вреднување на актерското мајсторство.


Поддршката за културата и уметноста во Струмица е континуирана и нагласена. Меѓу првите работи што ги направивме првите 100 дена од работата на новата Влада, беше да ја обезбедиме заслужената поддршка на повеќе културни манифестации, како Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, како Струмица Опен Ер, но и други значајни културни инцијативи низ државата.


Така ќе биде и во иднина!


Ја исправаме повеќегодишната неправда кон Струмица и овие манифестации, кои добиваа безначајни средства и беа речиси игнорирани само поради тоа што доаѓаат од град, со кој раководеше политичка опција спротивна на онаа која 11 години владееше со нашата земја.


Новата влада, донесе и нов пристап во поддршката на културата. Еднаков старт за сите иницијативи. Квалитетот, иновативноста, инклузивноста, модерниот израз и јавниот интерес се само дел од критериумите. Непринципиелните привилегии, партиски обоените фаворизирања и протекционизмот во културата, се минато.


Почитувани граѓани на Струмица и на Република Македонија, почитувани гости,

дозволете ми на крајот, уште еднаш да се навратам на радоста за двојното празнување вечерва. Го празнуваме театарот и актерот и нивната слобода со почетокот на годинешниот Фестивал на камерниот театар, и нашиот државен празник – Денот на независноста, 8-ми септември.


Да ги направиме годините што се пред нас, најдобри години во животот на идните поколенија. Им го должиме тоа на идните генерации, како што нас не задолжија нашите претходници кога ни ја даруваа независноста на Република Македонија.