Премиерот Заев: Состојбата во затворите мора итно да се промени, ние сме социјално и хумано општество
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска беше во посета на Казнено-поправната установа Идризово во Скопје. За време на посетата, премиерот беше во придружба на министерот за правда Билен Саљији и на директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ. Премиерот Заев обиколката на КПУ Идризово ја оствари и како дел од значајната соработка со граѓанските организации и на иницијатива на Народниот правобранител Иџет Мемети и директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска.
По обиколката на повеќе одделенија на КПУ Идризово, Претседателот на Владата на Република Македонија имаше и свое обраќање пред медиумите. Во својата изјава премиерот Заев рече:
- Целта на оваа посета е со помош на владиниот сектор за соработка со медиуми, со фотографии и видео, да испратиме материјал кој говори за лошите услови во затворите во Македонија. Ова е најголемата казнено-поправна установа и она што го видовме тука, а што го пренесуваме на овој начин до јавноста, е со цел директно да се пренесат сите аспекти на оваа ситуација и на овие проблеми.
Денеска имавме прилика да ги видиме лошите услови. Денеска имавме прилика да видиме дека не функционира она што се нарекува програма за ресоцијализација, програма за подготовка на затворените осудени лица, за да можат, после издржување на казната да можат да се вратат во еден нормален живот, за да можат да придонесуваат за себе и за своите семејства. Хуманиот и социјалниот воопшто не е запазен и, апсолутно, јас се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманиот и социјалниот аспект на лицата што се осудени на издржување на затворски кaзни.
Оваа посета денеска очекувам да отвори дебата, пред сѐ, пред институциите што се надлежни, многу често повикани од Народниот правобранител и од Хелсиншкиот комитет, како и од многу други граѓански органзации и активисти.
Многу често и нашите сограѓани кои што се издржување на затворските казни знаат да испратат апели и пораки преку социјалните мрежи и фотографии за самите услови во затворите. Сето тоа е причина да бидеме денеска овде.
Знаете дека веќе почнаа разговорите за можни решенија. Еден дел од тоа што го сугерираат, од оние што се практичари што работат овде, како и дел од луѓето што ги мониторираат овие инситуции, има предлози голем дел од овие објекти да бидат срушени. Тие не се ниту за реконструкција. Еден дел може да се реновира, да се доведе во состојба за да се обезбедат достоинствени услови, но секако државата, колку што е можно побргу мора да собере сили, да инвестира во новите објекти и да се подобрат условите за хумано живеење во затворите.
Ако по стандардите, овде треба да има 850 затвореници, овде сега има 1850. Тоа само по себе кажува какви последици повлекува. Лошите здравствени услови се дополнителен проблем. Храната е дополнителен проблем. На луѓето им се носи храна од дома. Некои од нив си готват сами тука.
Зборувам отворено, ова е надвор од секој хуман аспект на организирање на отслужувањето на затворските казни.
Веројатно, дел од решенијата за оваа ситуација е и законот за амнестија. Оваа тема се отвори. Веќе разговараат и работат на ова прашање неколку невладини организации, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Народниот правобранител има свое мислење, Министерството за правда ја води оваа работа. Ќе ја отвориме оваа дебата и пред сите други надлежни институции за да може да се донесе најдобра одлука, соодветно на она што го познава меѓународната практика. Но, јас знам едно: Треба да се тргне во оваа постапка, ако продолжи пренатрупувањето во затворите, и со вакви услови, нема да имаме решение. Законот за амнестија е едно од решенијата.
Јас сум убеден дека Владата и Собранието на Република Македонија ќе бидат институциите што ќе предничат во брзо изнаоѓање и примена на решенијата за овие лоши и нехумани услови што денеска ги видовме ние од оваа посета, а ќе ги видат и граѓаните.
Во одговорите на прашањата на новинарите, премиерот Заев најави дека ќе инсистира во идниот период да се внесе нова динамика во завршните работи на новите објекти за да се обезбеди брз трансфер на дел од осудениците во новите затворски објекти.