Средба на премиерот Заев со евроамбасадорот Жбогар: Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија оди напред и став дека државата е пред најголемата шанса за успех досега

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.


„Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија е конечно подготвена да оди напред во интерес на иднината на граѓаните и на државата. Република Македонија ја има најголемата шанса за успех досега за остварување на стратешките евро-атлантски цели“ пренесе евроамбасадорот Жбогар на средбата со премиерот Заев.


Претседателот на Владата на Република Македонија посочи дека Владата фокусирано го реализира реформскиот План 3-6-9 низ инклузивни политики на соработка во општеството, работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и на пријателска, принципиелна и конструктивна соработка со соседите и со земјите членки на ЕУ и НАТО.


- Владата на Република Македонија е определена да обезбеди квалитетен живот на граѓаните. Ќе ги спроведеме потребните реформи и низ политиките на градење мостови ќе ги осигураме евро-атлантските перспективи. Сметаме дека со сите позитивни чекори што ги правиме како Влада и како држава, реални се надежите Република Македонија да добие чиста препорака и датум за преговори со ЕУ, како и покана за членство во НАТО, рече премиерот Заев.


На средбата со евроамбасадорот Жбогар, претседателот на Владата Заев ја потврди цврстата определба на Владата за демократски, фер и регуларни локални избори, што е исто така поздравено од Европската унија.