Премиерот Заев на средба со Нотарската комора: Ја поздравувам иницијативата за сеопфатна дебата за изнаоѓање најдобро решение за недоследностите во нотарската практика

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и од министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска оствари работна средба со претставници од Нотарската комора на Македонија.


Претставниците на комората укажаа на нивните забелешки на постоечкиот Закон за нотаријат, и побараа изнаоѓање на решение прифатливо за двете комори, за да се отстранат сите недоследности во постоечкото законско решение.


Министерката Дескоска и министерот Спасовски го поддржаа ставот на претставниците на нотарската комора потенцирајќи дека еден од принципите на новото законско решение мора да биде рамноправноста и еднаквоста пред законските обврски и дека е тоа голем предизвик, наспроти праксата кога моќните компании, како банките и лизинг компаниите, се покажуваат како попривилегирани од граѓаните.


- Слободата и правата на граѓаните се основниот принцип на демократијата, и како што потенцираше, секој треба да има право на избор и сам да си одбере кој ќе го застапува во правниот промет и во судските постапки при изборот на адвокат или нотар, истакна премиерот Заев на средбата со претставниците на Нотарската комора.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев изрази мислење дека до соодветно решение за овие барања на комората треба да се дојде низ транспарентна постапка и дискусија, со сите засегнати страни, за да дојде до израз аргументација за најдобро можно решение еднакво прифатливо за сите инволвирани субјекти.