Премиерот Заев: Имаме политичка волја и ефикасен план за економски раст

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска присуствуваше на средба со претставници на Стопанската комора на Македонија, на која присуствуваа и првите луѓе и високи претставници на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.


Премиерот Заев, заедно со Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваше на презентација на студијата за извозот на Македонија подготвена од престижниот Виенски институт за меѓународни економски студии.


Во рамките на оваа средба и презентација свои излагања имаа и премиерот Заев и Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.


Во своето излагање пред стопанствениците и пред научните работници од институтот, премиерот Заев истакна:


На самиот почеток сакам да изразам огромна благодарност до г-динот Владимир Глигоров, признат меѓународен економски експерт, и наш ценет и почитуван сограѓанин, син и наследник на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, за неговата ценета научна работа која се однесува за земјите од Балканот со фокус на долгорочниот раст.


За нас како Влада на Република Македонија презентираните резултати и препораки од оваа студија за извозот на Македонија претставуваат значаен придонес, кој сериозно го имаме предвид во процесот на креирање и имплементирање на економски политики со кои ја заздравуваме уништената економија што ја наследивме.


Покренуваме процеси за развој на економијата што ќе ги јакнат домашното стопанство и ќе генерираат квалитетен животен стандард за сите граѓани на Република Македонија.


Подготвивме план за економски раст од кој што придобивка ќе почувствуваат мнозинството граѓани и во таа насока и ги креираме економските политики.


За да создадеме успешна економска приказна Македонија мора да фати чекор со западно-европскиот развиен свет.


Таму каде што природно гравитира и припаѓа.


За таа цел ги деблокираме закочените интегративни процеси на земјата во ЕУ и НАТО, градиме пријателски партнерски односи со земјите соседи, ја отвораме и државата и економијата за регионална и глобална соработка.


Темелните и стратешки насоки за постигнување на оваа цел, ги поставивме и договоривме со нашите партнери од регионот и од Европската Унија и со нашите пријатели од Германија, Франција, Велика Британија и Италија, на Самитот за Западен Балкан во Трст.


Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Н.Е.г. Јоханес Хан, најави дека за Западен Балкан во следните неколку години, Европската Унија ќе издвои околу една милијарда евра за поддршка на регионот.
Европската Комисија објави листа на осум приоритени проекти со кофинансирање значајни за поврзување на земјите од регионот на Западен Балкан, преку инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“.


Од вкупно доделените неповратни средства, на Република Македонија и се доделени 70 милиони евра, или 40% од вкупните грантови наменети за земјите од Западен Балкан. Тоа се средства од граѓаните на Европа наменети за развој на Република Македонија, грант, односно неповратни финански средства.


Овие средства ќе се искористат за изградба на втората фаза на железничкиот коридор осум. Вкупната вредност на целиот проект е проценета на 152.3 милиони евра. Република Македонија ќе ги обезбеди останатите средства.


Она што е важно да се напомене е дека оваа година, по пауза од две години, Европската Комисија, ги одмрзна средствата за поддршка на Република Македонија, покажа високо ниво на кооперативност со што ги препозна приоритетите за реформи на Владата, како и посветеноста за економски развој и воспоставување на подобри конекции со сите земји од регионот на Западен Балкан.


Сериозен поттик за потврдување на оваа поддршка што доаѓа од Европската Унија е Договорот за соработка и добрососедство што го потпишавме неодмана со Бугарија.


Отворивме реални можности за зголемена трговска размена меѓу двете земји, за подобрено инфраструктурно поврзување, за поедноставени прекугранични процедури, за развој на туризмот, можности за заеднички инвестиции во иднина, шанса за економски напредок на двете земји.


Наша обврска како Влада е да продолжиме со приритетните реформски процеси, за да ја подобриме економската состојба и да го подигнеме животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.


Кога ќе погледнеме напред во иднината посакувам Македонија сите да ја видиме како сериозен генератор на регионалниот економски развој и тоа мора да претставува наша заедничка цел.


Имаме обврска затоа што нашата земја го заслужува тоа на економски план.


Да ги искористиме нашите предности.


Да се посветиме на реална и ефективна применливост на нашите природни ресурси и богатства, на работливиот и вреден народ, и на атрактивната геостратешка положба.


Целта на економијата е да го изнајде точките на најефикасна искористеност на тој потенцијал.


Со политичка волја, ефикасен економски план за економски раст и добра огранизација ќе работиме во тој правец.


Уште во првите 100 дена работа на Владата ги поставивме основите на кој ќе го градиме економскиот раст.


Силно ги поддржуваме инвестициите, извозот и малите и средни претпријатија.
Ја отвараме спиралата на покачување на платите, преку првиот чекор за зголемување на минималната плата, притоа значително вниание посветуваме на стабилноста на бизнисот.


Економскиот раст се темели на пораст на платите. Истовремено укинуваме и намалуваме дел од трошоците за живот, со што ја зголемуваме куповната моќ на граѓаните и го подобруваме животниот стандард.


Целта е да ја зголемиме конкурентноста на приватниот сектор за да се забрза економскиот раст и граѓаните да почувствуваат подобрување на животниот стандард.


Веруваме дека силни и економски моќни домашни претпријатија се столбот на стабилна и растечка економија и затоа силно ќе го подржиме нивниот раст и развој.


Првиот чекор го направивме со ребалансот на Буџетот. Во фокусот на економските политики најмногу внимание посветуваме токму на малите и средни претпријатија и севкупните домашни капацитети.


На самиот почеток почеток обезбедивме 135 милиони денари како државна поддршка на малите и средни претпријатија и поддршка на малите и средните претпријатија и на домашните гринфилд инвестиции.


Утре целосно ќе обезбедиме и обелодениме план за целосна поддршка на инвестициите во Македонија, воедначување на домашните со странските инвестиции, севкупно испраќање прецизни насоки во кој правец ќе се движат политиките за зголемување на растот и развојот во нашето стопанство.


Економски стабилните домашни претпријатија отвораат нови, добро платени работни места, ќе бидат моќни да исплаќаат повисоки плати, а државата редовно ќе го следи и помага нивниот развој.


Со покачувањето на минималната плата има и една друга цел: Да се отвори спиралата на севкупното покачување на нивото на платите.


Покачувањето на нивото на платите сериозно ќе ја раздвижи економијата, ќе ја поттикне личната потрошувачка, фирмите ќе генерираат повисоки профити и добивки кои потоа може да ги реинвестираат како нови инвестиции во нови капацитети, во развојни технологии, или модернизација на производството.


Државата ќе ги помогне и ќе ги поттикнува инвестициите кои што исто така ќе придонесуваат за раст на економијата.


Условите и критериумите за инвестирање ќе бидат траснпарентни и еднакви за сите заинтересирани инвеститори. Независно дали станува збор за домашни или странски, и ќе овозможуваат долгорочна стабилност и сигурност на инвестициите.


Создаваме инвестициона клима што овозможува инвеститорите да останат да работат во Македонија, а не по завршувањето на државната помош, да го отселат капиталот и да заминуваат од земјата.


Поттикнуваме отворање нови работни места. Создаваме услови и поддржуваме иницијативи за отворање не само на нови, туку и на високо платени работни места.


Странските и домашните инвеститори преку низа мерки ќе ги поттикнеме да користат суровини и материјали од домашно потекло и ќе создаваме услови за воспоставување на трајна деловна соработка помеѓу домашните компании и странските директни инвестиции.


Досегашната соработка и интеракција помеѓу домашните компании и странските инвеститори изнесуваше само 1 %. Набавката што странските инвеститори ја направиле кај домашните компании изнесува само 1 отсто.


Тоа е недозволиво. Економски неоправдано и за нашите компании, но и за странските инвеститори и ние сме решени да работиме на интензивирање на таа соработка.

 

Мерките за реализација на овие мерки значително ќе придонесе за зголемување на нова инвестициона активност што, во крајна линија, позитивно ќе се отслика и на зголемувањето, но и на промената на самата структура на извозот.


Со финансиска поддршка, државата директно ќе го забрза овој процес и ќе стимулира зголемување на извозот, и ќе поддржи и изнаоѓање и освојување на нови пазари.


Нашата цел е економскиот раст да се зголеми на 5% од БДП. Да се зголеми и учеството на извозвот во вкупниот раст на БДП, и да се преструктуира самиот извоз кон поголем опфат на домашни финални производи, технологии и суровини.


Тоа е нашиот план за економски раст од кој придобивка и непосредна корист ќе имаат сите граѓани, сите инвеститори и целокупната економија.


И ако прашате што ќе биде структурата на идниот раст и развој на Македонија, тоа е пред се и над се, поддршката на домашната и странската инвестициона активност во државата.


Македонија може и мора да биде достоинствено место за живот за сите граѓани. Со заедничка соработка и партнерски однос на државата кон компаниите ќе ја постигнеме таа цел!


Јас сум убеден дека поддршката на домашното стопанство пред сѐ, секако добредојдени се и странските инвестиции, се најважната спирала на растот и развојот на среден и на долг рок. Убеден сум дека не мора да чекаме да дојдеме до 90% од она што значи просекот на Европа. Еве, со 4% раст тоа се постигнува. Мислам дека македонската економија може многу повеќе. Некој кажува дека сум непоправлив оптимист, но оптимизмот и позитивниот аспект водат кон развој.