Целосно пуштена во употреба новата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје
Новата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје денеска е целосно пуштена во употреба. Во неа веќе се извршени над 20 операции и осум породувања.
Министерот за здравство Никола Тодоров ја посети Клиниката по што изјави дека станува збор за најсовремена зграда во Македонија која ќе овозможи најдобри и најсовремени услови за гинекологија во Македонија, онака како што доликува на една здравствена установа од терцијарно ниво.
- Можеме да се гордееме со ова што го има тука. Амбулантите исто така се во функција. Операционите сали се комплетно опремени и се во функционална состојба и со многу современа опрема, истакна Тодоров.
На ова, потенцира тој му претходеше една сериозна работа со детален акционен план со конкретни рокови и носители на задачите, кој го направивме заедно со директорот веднаш по моето доаѓање на оваа функција.
- Старата зграда на Клиниката ќе биде ставена вон функција. Има многу сериозен план за Старата зграда на Клиниката и наскоро ќе биде објавен, рече Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека неговата сопруга ќе се породи на Клиниката за гинекологија и акушерство.
- Имаме зграда која ги исполнува сите стандарди. Не смеевме да дозволиме да прекршиме некои од медицинските правила и прописи за отворање и пуштање во употреба на објекти од ваков карактер, додаде Тодоров.
Директорот на Клиниката за гинекологија и акушерство, Саша Јовчевски рече дека новата Клиника располага со 197 кревети и е комплетно опремена.
- Најголемиот дел од опремата за Клиниката е од големата набавка на Владата и истата е целосно во употреба со самото нејзино носење во Клиниката. Во Старата клиника не остана ништо од новата опрема која е пренесена тука, додаде Јовчевски.
Новата клиника за гинекологија и акушерство има два оперативни оддела, со вкупно 32 болнички соби. Секоја соба е со по шест болнички кревети и санитарен чвор.
Оперативниот блок го сочинуваат пет операциски сали, од кои две гинеколошки сали, една лапароскопска, една акушерска сала и една антисептична сала.
Родилните сали бројат шест породилни бокса. Во рамки на родилните сали влегува и предродилна просторија.
Акушерскиот оддел (пуерпериум) има вкупно 20 болнички соби во кои влегуваат и три вип апартмани секоја соба е со по два болнички кревета и санитарен чвор.
Детскиот одделот за интезивна нега и терапија згрижува вкупно - 30 новородени во инкубатори, кои дел од нив се на машина за респираторна вентилација и пост интезивен дел каде се згрижуваат 30 новородени.
Во рамки на родилниот дел е сместена прединтезивната нега за трудници која згрижува осум трудници со ризична бременост.
Одделот за анестезија реанимација и интезивно лекување се состои од три шок соби од кои едната е наменета за згрижување на осум пациентки на кои им е извршен оперативен зафат, мала шок соба каде се згрижуваат пациентки каде им е потребна подолготрајна интезивна нега и шок соба каде се згрижуваат пациентки породени со царски рез.
Во новата Клиника има централна стерилизација опремена по европски стандарди која ќе биде сервисен центар за целата клиника.
Во рамки на Клиниката функционираат и седум специјалистички амбуланти, биохемиска лабораторија, лабораторија за хпв типизација, цитолошка лабараторија и цитогенетска лабараторија
- На Клиниката за 2011 година има вкупно 3.410 операции, од кои 1.208 се гинеколошки, 1.376 акушерски и 826 се лапараскопски.