Премиерот Заев ја прифати поканата да биде покровител на настанот по повод 75 годишнината од Холокаустот на Евреите во Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со делегација составена од Еврејската заедница на Република Македонија, предводена од Претседателката на заедницата, д-р Берта Романо-Николиќ, и делегација на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, предводена од Горан Садикаријо, извршен директор на фондот.
Во пресрет на најголемиот еврејски празник Јом Кипур, претставниците на двете делегации на премиерот Заев му подарија „мегила“, традиционален еврејски свиток со испишани стихови од Тората, светата книга на Евреите, со порака која вели дека „За чесниот човек надалеку се слуша“.
Премиерот Заев, заблагодарувајќи се за подарокот и пораката, на гостите накусо им ги пренесе исклучително добрите впечатоци од неодамнешната посета на делегацијата на Владата на РМ, на Израел.
Претставниците на Еврејската заедница на Република Македонија и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, го информираа премиерот Заев за завршните работи на постојаната музејска поставка во Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје која свечено ќе биде отворена на 12 март идната година, кога ќе се одбележат 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна.
Претставниците на двете делегации го информираа премиерот Заев дека по тој повод планираат да организираат голем настан со пригодна програма, на кој очекуваат да пречекааат голем број високи гости од Република Македонија, од Израел, и од други земји.
Претседателката на Еврејската заедница во Македонија и извршниот директор на Фондот на Холокаустот од Македонија, го замолија премиерот Заев да ја прифати поканата да биде покровител на овој голем настан.
Премиерот Заев изрази големо задоволство од поканата и рече дека му е чест што ќе може на овој начин, тој, и Владата на РМ, да ја поддржат оваа манифестација и да помогнат околу нејзиното организирање.
Во рамките на средбата се отворија и повеќе други прашања од активностите на заедницата и организациите на Евреите во Македонија и беше постигната согласност да се направат сите неопходни чекори за надминување на одредени прашања во врска со спомен обележјата на еврејската заедница.