Прес-конференцијата на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров
Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,
Чест ми е да го затворам циклусот прес конференции за почетокот на мандатот на оваа Влада од аспект на бројните активности на Министерството за надворешни работи. Очигледен е пресвртот во политиката направен со новото раководство на МНР и политиката која сега ја водиме. Ние не сакаме политика која, со зборовите на Фуле, ќе нè однесе во ќорсокак, не сакаме извештај на ЕК во кој се оценува дека Македонија е заробена држава, во меѓународна изолација, без пријатели, несигурна во себе, уплашена и комплексирана. Нашата политика е во сосема спротивна насока – ги зајакнуваме пријателствата, ги обновуваме и стекнуваме нови пријатели. Го враќаме имиџот на онаа Македонија која ќе работи на себе за да биде подобра. Сакаме Македонија да е модерна, земја која го привлекува вниманието со добри вести, држава со имиџ и со суштина на европска демократија, атрактивна за живот и работа – земја на среќни граѓани.
Преземаме интензивни дипломатски активности во функција на зајакнување на нашите европски и евро-атлантски перспективи, но истовремено и зајакнување на разнишаната позиција на Република Македонија на меѓународна сцена.
Преземаме проактивен и продуктивен дипломатски ангажман со цел реализација на надворешно-политичките приоритети, пред сè, членството во ЕУ и НАТО алијансата, етаблирање и негување добрососедски односи и регионална соработка. Во изминатиот период, остваривме голем број посети, официјални и неофицијални средби. Вкупно имавме 31 меѓународна посета од кои 17 билатерални и 14 мултилатерални. Имав чест да се сретнам со 44 колеги, министри за надворешни работи, ги покривме повеќето од земјите членки на Алијансата и речиси сите од земјите членки на ЕУ. Македонија од земја што асоцира на криза, претставува земја што асоцира на надеж и можности.
Работиме да се врати меѓународниот рејтинг на Република Македонија што првенствено подразбира поддршка и враќање на старите и создавање на нови пријатели. Би сакал тука да го споделам кредитот кој што главно оди кон граѓаните на РМ, кои што во основа преку граѓанска будност и активизам покажаа дека македонската демократија е посилна и реагира дури и тогаш кога институциите на системот не реагираат. Тоа беше нашата ситуација во кризата. Поради тоа, денес, наративот на РМ е наратив на надеж. И во време кога глобално демократите се соочуваат со проблеми, Македонија работи посветено да си ја зацврсти својата демократија за да не се дозволат отворени и очигледни злоупотреби за какви што слушнавме. Токму овој наратив помогна зад нашите реформски напори да застанат земји кои што се меѓу најетаблираните демократии во Европа и светот и благодарение на овој наратив потпишавме декларации или политички изјави за партнерство и соработка со Шведска, со Норвешка, со Велика Британија и последната со Холандија, минатата недела.
Истовремено неуморно работиме на ревитализација на статусот на РМ како активен чинител и одговорен партнер во меѓународните односи, фактор на стабилност во регионот и пошироко. Тоа го потврдивме и со исполнетата и продуктивна агенда и проактивниот настап во рамките на учеството на ГС на ООН. Во Њујорк отворено дискутиравме за нашите стратешки цели, но и за нашето учество и придонес кон решавањето на горливите прашања и предизвици на глобално ниво. Видливоста и активниот придонес на мултилатерален план е еден од нашите приоритети.
Етаблиравме нов имиџ, препознатлива надворешна политика која има за цел да гради мостови, отвора врати и да решава проблеми.
За краток период успеавме да го обновиме дијалогот со ЕУ и да вбризгаме нова енергија и квалитет во нашите односи. Патот беше многу покриен и не се гледаше, патот кон отпочнување на престапните преговори со ЕУ членство денеска се наѕира. Воспоставивме партнерски и принципиелен однос со Брисел и очекуваме чиста и безусловна препорака за старт на пристапните преговори. Очекуваме но и работиме дома, за да дадеме дополнителни аргументи на ЕК. На надворешно-политички план практикуваме искрен и отворен однос, без предрасуди и скриени агенди. Во нашиот нов пристап се пресликува стремежот да изградиме имиџ на модерна европска демократија.
Наметнавме нов однос и спрема институциите дома. Надворешната политика на РМ не е ексклузивна надлежност на МНР. Тој однос го карактеризира транспарентност, отчетност и инклузивност. На 34-от ден од преземањето на должноста јас реферирав пред КНР на СРМ за преземените активности и дебатирав со пратениците за надворешно-политичките приоритети и предизвици. На 11 септември, Собранието на Р. Македонија изрази доверба и поддршка на мојот досегашен ангажман и ја отфрли интерпелацијата за мојата работата, поднесена од група пратеници на 9 август о.г).
Нашиот однос спрема јавноста ќе биде исто така транспарентен и отчетен. Во оваа насока, две недели после преземањето на должноста, на 15 јуни, донесов решение со кое документите поврзани со службени патувања на вработените во Министерството повторно стануваат информации од јавен карактер. Решението е производ на посветената заложба на Министерството за целосна транспарентност и отчет пред граѓаните на РМ.
Беа остварени неколу посети на Брисел на различни нивоа. Притоа, беа реафирмирани европските перспективи и подвлечена потребата од реформски процес заснован на резултати (План 3-6-9). По пауза од две години, на 18 јули, го одржавме 13-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу РМ и ЕУ. Фактот што советот ко-претседаваше, Високиот претставник Федерика Могерини, говори за значењето што и ЕУ го даде на овој повторен или нов почеток. Пораките беа јасни и недвосмислени. ЕУ во РМ препознава нов почеток и силни заложби за реализација на реформските приоритети. Тоа беше нотирано и при неколкуте средби со шефицата на европската дипломатија Ф. Могерини и од комесарот Хан, последната минатиот вторник во Брисел.
Нашиот дипломатски ангажман е видлив и на планот на интеграцијата на НАТО. Остваривме средба со ГС Ј. Столтенберг, кој изрази поддршка за реализацијата на нашата стратешка определба за членство во Алијансата. НАТО гледа на РМ како „важен партнер” во реализацијата на нивната мисија. Минатата недела заедно со ВП и МО Радмила Шекеринска имавме состанокот на Северно-атлантскиот совет со Република Македонија (29+1) со кој се заокружи 17-от циклус на нашето приближување кон НАТО, со зборовите веднаш по состанокот на еден од високите функционери во меѓународниот секретаријат на Алијансата кој што повеќе од 20 години работи во седиштето на НАТО во Брисел „ова беше буквално рисет на односите меѓу РМ и НАТО“. За Македонија после долго време се зборуваше со можности и со позитивни тонови, практично унисоно од сите земји членки на Алијансата кои земаа збор, некаде 21 земја членка од 29те во рамките на даденото време.
На специјалниот состанок на Самитот во Подгорица на кој што беа домаќини нашите пријатели од Црна Гора, меѓутоа со кој што претседаваше премиерот Заев (Јадранска повелба - 2 август о.г.), покрај тоа што имаше кратка средба со потпретседателот на САД, М. Пенс, тој силно и гласно укажа дека „САД како наш стратешки партнер стојат зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграцијата во НАТО.”
Нашите партнери, ЕУ и САД, ја поздравија заложбата за решавање на отворени прашања со соседите. Во овој контекст, главниот акцент беше ставен на разговорите со Бугарија како пример и модел за соработка во регионот, но и пошироко, без медијација и наметнати решенија. Американскиот Стејт Департмент истакна дека договорот меѓу двете држави претставува “охрабрувачки пример за тоа како разликите меѓу соседите можат да се решат по мирен пат.” Рецензијата од Брисел како што неколку пати имам укажано беше дека Договорот е инспирација за целиот Балкан. Едно две реченици ако може да си дозволам како граѓанин, една потполна отвореност, за Министер за надворешени работи е најлесно да не ги чепка тешките теми. Мене ќе ми биде најлесно да не влегувам и да не се обидувам да решавам прашања што се долго време и напикани под килим и долго време на некој начин, зациментирани со политика која што дава аргументи за блокада, а не аргументи за деблокада. Оваа надворешна политика тргнува од прашањето каде и каква Македонија сакаме да имаме за 3 години од денес, за 5 г. од денес и за 10 г. од денес. Оваа надворешна политика не тргнува од прашањето како да добијам поени јас денеска и да ги истрошам за една недела или за еден месец. Надворешната политика на РМ нема да биде предмет на добивање политички поени додека трае мандатот на оваа Влада и мојот мандат како Министер за надворешни работи.
Применуваме политика на отворен и позитивен пристап, насочен кон решавање на проблемите и отворените прашања, наспроти нивно пролонгирање или создавање нови. Темел на ова претставува нашата цврста определба за квалитативно унапредување на соработката со соседите и целиот регион, на патот на нашата заедничка европска иднина.
Овој нов дух на отворен и искрен дијалог со земјите од нашето непосредно и пошироко опкружување, регионот на ЈИЕ и европското семејство, беше јасно отсликан во потпишувањето на Договорот со пријателска Бугарија. Тој претставува надградба на Заедничката декларација од 1999 година, ја потврдува подготвеноста на двете страни за признавање и прифаќање на реалностите од минатото, но и од сегашноста, и пред и над сè, решеноста на двете земји да овозможат посветла, просперитетна и пријателска иднина за нивните граѓани.
Со неговото потпишување се зајакнуваат интересите на Република Македонија, ова битно прашање се затвора токму во согласност со и во корист на националните интереси на нашата држава и нејзините граѓани, отворајќи го притоа патот за наша интеграција во ЕУ и во НАТО. Кратко кажано, Договорот претставува заемен успех на две блиски и пријателски земји, постигнат со двостран компромис и лидерство, а базиран врз потребата од градење мостови, отворање перспективи и создавање можности.
За новиот конструктивен пристап во надворешната политика на РМ, базиран на европските и евро-атланските вредности, не помалку говори и првата билатерална посета остварена токму во Атина, и неколку средби потоа – една во Скопје и последната во Њујорк на маргините на ГС на ООН. Со МНР Коѕиас истакнавме дека нема да престанеме во нашите обиди да ги отвориме перспективите и за двете држави. Јас исто така нема да престанам во обидите да ја убедам Грција дека не може да има победен и победник по ова прашање кога сме соседи. Не можете да бидете успешни ако го скршите соседот и обратно. Затоа се обидуваме да ја смениме целосно призмата како гледаме на овој проблем.
Неодамна одбележавме 100 дена, денеска мислам дека 124-от ден од работата на новата Влада и достојно го прославивме 26-от роденден на независна Република Македонија како држава пред која, реално се отвораат европските перспективи.
Честитката по повод 8 Септември од државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон и изјавата на сојузниот МНР на Германија Зигмар Габриел од 6 септември, на најдобар можен начин ја илустрираат валоризацијата на реформската определба на новата влада и исправниот курс во нашата надворешна политика. Тилерсон аплаудираше на делата преземени од новата Влада за да ја демонстрира нејзината посветеност на демократијата, владеењето на правото и регионалната соработка. МНР Габриел отиде чекор понатаму и покрај поздравувањето на реформскиот курс и давањето цврста поддршка за интеграција во ЕУ и НАТО, тој ја повика сегашната опозиција да не го блокира позитивниот моментум на новата Влада и да остане отворена за конструктивна соработка.
Во следната година и половина, регионот има шанса да направи вистински и видлив прогрес во европските интеграции. Ни претстои период на можности и на перспективи. Владата на РМ е цврсто решена да направи сè што може и да извлече максимум и да ја искористи оваа шанса. РМ мора да го фати возот со оние од нашиот регион коишто се пред нас. Владата е цврсто решена да продолжи по патот на враќање на достоинството, угледот и меѓународните пријатели на земјата и на реализација на нашите стратешки приоритети - интеграција во ЕУ и во НАТО.
Ви благодарам.