Премиерот Заев на Панел - дискусија на ОН за родовата еднаквост: Отворивме шанси за сите, родовите перспективи се дел од политикитe на Владата
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на покана на Канцеларијата на ОН – Жени (UN Women), во партнерство со Амбасадата на Шведска и Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје, учествуваше на Панел - дискусијата, насловена „Женско лидерство и политичко учество – пат кон еднаквост“.
Потенцирајќи ја улогата на жената во општествено политичкиот живот, премиерот Заев истакна дека е многу важно што во Република Македонија се случуваат промени кои ја носат жената на заслуженото место.
Обраќајќи им се на присутните, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев рече:
Оваа сала овде, полна со успешни жени кои го отвораат патот на светот за среќни општества во кои има место за сите, ете оваа сала почитувани присутни најавува дека светот се менува. И нешто важно за нашата држава, дека се случуваат промени и во Република Македонија што ја носат жената на заслуженото место во опшествено – политичкиот живот. Таа е лидерка во семејството, но и лидерка во своето маало, во општината во којашто живее, во градот во којшто работи, во државата од којашто потекнува.
Горд сум со сите вас! И подавам рака да чекориме напред.
Сакам да бидам јасен, иако моето присуство на овој настан јасно го покажува тоа. Ја имате мојата поддршка како премиер на Република Македонија. Тука сум да ви ја пренесам и поддршката што ја дава Владата на Република Македонија за политичко учество на жените, со цел да ја развиеме родовата еднаквост како еден од чинителите на демократијата.
Да, родовата еднаквост е наша законска обврска, е дел од Програмата на Владата на Република Македонија, 2017 – 2020 година, е наша обврска од Агендата за одржлив развој до 2030 година.
Но, почитувани присутни, сакам да ве уверам дека заложбите за родова еднаквост се пред сè и над сè одраз на тоа како ние ја гледаме нашата држава, а така го гледаме и светот, како општество на еднакви граѓани. Како големо семејство на граѓанки и граѓани во коешто над патријархалните норми и ставови сме овозможиле „видливи“ жени, тоа значи способни, мудри, храбри, жени кои рамо до рамо со мажите креираат политики на еднаквост на пазарот на трудот во политиката.
Работиме, заеднички, жени, мажи, различни по многу основи, но сплотени во определбата да ги охрабриме жените и да го зголемиме нивното учеството во политичкиот, економскиот и јавниот живот.
Ќе воспоставиме посебно владино тело за родова рамноправност, коешто ќе се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирањето на политиките и буџетите, го започнавме процесот на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција).
Согласно оваа Конвенција, ќе воспоставиме мрежа на стандардизирани институции чијашто обврска е заштита од домашно насилство, ќе предложиме нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон, ќе воведеме програми за помагање на развојот на жените претприемачи, посебно во руралните области, ќе се заложиме за вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа.
Ќе предложиме воспоставување Регионален родов омбудсман, што ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности, создавање Регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА, при што ќе предложиме Македонија да биде домаќин.
Ние веќе претставиме е-модули за родова еднаквост, подготвени со поддршкана UN Women, задолжителни за сите административни службеници. Министерството за образование ги повлече учебниците по граѓанско образование со стереотипи по родова основа, се заложивме за заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 3 месеци, односно 3 до 6 месеци во случај на раѓање близнаци/тројки.
Сериозно пристапуваме на родовото прашање, во сите области.
Граѓаните, домашната и меѓународната јавност веќе имаат можност да видат зголемен број жени вклучени во политиката и во општественото живеење во Македонија, министерки, обвинителки, пратенички, градоначалнички.
Отворивме шанси за сите, родовите перспективи се дел од нашите политики.
Благодарам на ОН, на UN Women и партнерите организатори на овој настан, како и на сите партнери на Република Македонија што ги помагаат и поддржуваат обновените демократски процеси во Република Македонија.