Средба на премиерот Заев со комесарката за транспорт на ЕК, Булц: Силна поддршка за придонесот на Македонија во регионалната соработка, Комисијата продолжува да ги поддржува транспортното поврзување и европските интеграции
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министрите за надворешни работи, Никола Димитров и за транспорт и врски Горан Сугарески, попладнево се сретна со комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц, придружувана од амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.
„Продолжете да градите силна доверба со Европската унија. Европската комисија ги цени и ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата на Република Македонија за зајакнување на регионалната соработка и за отворање евро-атлантски перспективи на Македонија и на државите од регионот како и отворените реформските процеси во државата. Резултатите од вчерашните избори се силен позитивен поттик за Владата да ги реализира најавените политики за квалитетен живот на граѓаните и за отворање перспективи на Република Македонија, ова е моментот да се направи отскок напред“, е пораката што ја пренесе комесарката Булц на премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев се заблагодари за големата поддршка што ја имаат и Република Македонија и регионот за остварувањето на стратешките европски цели, во што една од клучните улоги ја има транспортното поврзување.
Постои заедничка согласност дека транспортното поврзување во регионот, во што се очекува да помогне Договорот за основање транспортна заедница потпишан во Трст, како и финасиската поддршка од ЕУ за Коридорот 8 и функционалноста на Коридорот 10, ќе придонесат за подобра комуникација меѓу државите, а со тоа и кон резултати на економски план.
Потребно е, како што рече комесарката Булц „предвидлива, транспаретна клима за инвестирање“ што ќе помогне на државите во регионот полесно да се поврзат со земјите од ЕУ, а со тоа и да обезбедат подобар живот за граѓаните во своите држави.
- Владата на Република Македонија презема конкретни чекори за реализација на зацртаниот реформски План 3-6-9 што води кон квалитетен живот за граѓаните и исчекор кон ЕУ интеграциите. Резултатите од вчерашните избори за нас се сериозна одговорност пред граѓаните да го овозможиме тоа и за нив и за државата. Ќе продолжиме да даваме позитивен пример како се градат добрососедски односи и пријателства и со тоа да отвораме пат за интеграција на Македонија и на регионот во евро-атлантското семејство, рече премиерот Заев.
На средбата е констатирано дека регионалниот Самит 100 кој денес и утре се организира во Скопје е уште еден позитивен импулс од Република Македонија и од регионот дека се посветени на унапредување на економската и на регионалната соработка.