Средба на вицепремиерот Анѓушев со шпанскиот амбасадор Сера – Заложба за интензивирање на економската соработка помеѓу Македонија и Шпанија
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со новиот амбасадор на Кралството Шпанија во Македонија, Н.Е. Емилио Лоренцо Сера.
Вицепремиерот Анѓушев му го честиташе назначувањето на новиот шпански амбасадор и изрази очекување дека соработката помеѓу двете земји ќе продолжи да се развива во позитивна насока.
„Владата на Република Македонија креира политички и економски амбиент со кој Македонија ќе биде добар пријател и партнер на сите земји, а поддршката од Шпанија, како членка на Европската Унија е особено важна. Странските инвеститори, вклучително и оние од Кралството Шпанија се добродојдени да инвестираат во Република Македонија“, подвлече вицепремиерот.
Амбасадорот Сера рече дека е запознаен со случувањата во Република Македонија и дека политичкиот амбиент ветува позитивни промени во земјата. Тој истакна дека започнатите реформи од страна на Владата даваат насока за позитивни придвижувања на економијата.
Соговорниците се заложија за интензивирање на економските односи помеѓу двете земји, особено во секторот земјоделие, како и во енергетиката преку обновливите извори за енергија и во заштитата на животната средина преку проекти за соодветно управување со отпад.