Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на манифестацијата Тортијада
Почитуван претседателе на „Мобилност“ Македонија,
Почитувани членови на извршните тела на „Мобилност“ Македонија,
Почитувани пријатели, мои другари,
Навистина ми е задоволство што, не знам веќе и јас по кој пат, еве сум овде на традиционалната Тортијада којашто се организира во Банско.
Верувам дека бројката беше едноцифрена кога првпат присуствував овде, а еве сега сме на 20-та Тортијада, затоа што си ветивме дека без разлика каде нè носи патот во нашиот живот, остануваме заедно да го споделуваме задоволството од она што претставува традиција, од она што претставува вредност преку дружењето, да градиме пријателства коишто навистина се вредни и на коишто сите им се радуваме.
Јас, на сите вас, Ви посакувам пријатна вечер.
Посакувам секако да победи најдобрата торта, тоа е најважното.
Секогаш важеле правилата дека тоа што е најдобро, е најдобро без протекции, буквално преку изјаснување на комисијата.
Се надевам дека сите ќе можеме на крајот, ако не повеќе, малку да чепнеме од шамот или од шлагот… Да пробаме од овие навистина прекрасни дела.
Сакам од Ваше и од мое име, но и од името на присутните советници, градоначалници и други присутни, да им се заблагодарам на прекрасните дами коишто ја даваат смислата на оваа Тортијада, заради тоа што без Вас, Тортијадата нема да е така богата и убава, како што секоја година знам дека е се побогата и се поубава.
Почитувани пријатели,
Мене ми е секојпат задоволство што се дружам заедно со сите Вас. Ве сметам за искрени пријатели, сметајте ме за искрен пријател. Стоиме на располагање меѓусебно да си помагаме и да се поддржуваме, заради тоа што навистина животот е полесен кога градиме пријателства и кога меѓусебно си помагаме.
Еве, да ги поздравам сите присутни вечерва на Тортијадата и Ви посакувам на сите пријатна вечер.