Средба на премиерот Заев со директорот за меѓународни еврејски работи во Американскиот Еврејски Комитет, Бејкер: Благодарност за грижата кон еврејската заедница и поддршка за иницијативата на премиерот и Владата за интензивирање на соработката
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со рабинот Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот Еврејски Комитет (AJC).
Рабинот Бејкер ја поздрави посветеноста на новата Влада за грижа за сите заедници во Република Македонија, влучувајќи ја и еврејската заедница во државава. Тој оцени дека ваквите политики на премиерот Заев и на Владата се од големо значење за Евреите во регионот.
Рабинот Бејкер изрази посебна благодарност за поддршката што премиерот Заев ја дава за одржување на Комеморација по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите, што се планира да се одржи следната 2018 година.
На средбата се разговараше за значењето на овој настан, за што рабинот Бејкер најави нивна помош и поддршка во промоцијата на настанот.
- Еврејската заедница е значаен дел од традицијата, историјата, но преку новите генерации и значаен дел од сегашноста и иднината на Македонија. Ние како Влада се гордееме со активностите за заштита на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Граѓаните масовно го поддржаа концептот едно општество за сите, за што застанавме без задршка и во таа насока ќе продолжиме да ја градиме Република Македонија, рече премиерот Заев на средбата со рабинот Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот Еврејски Комитет.