Средба на премиерот Заев со поранешниот словенечки претседател Кучан: Поддршка за реформите што ги спроведува новата Влада и за интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во рамки на работната посета на Будва се сретна и со Милан Кучан, поранешниот претседател на Република Словенија.
Поранешниот словенечки претседател Кучан ги оцени како значајни реформите што ги спроведува новата Влада, и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за евро-атлантските интеграции на нашата држава.
Посебно се разговараше за значењето на реформите во правосудството што треба да овозможат владеење на правото и правда за сите граѓани, како и поголема сигурност кај инвеститорите коишто се чувствуваат посигурни во правна држава.
- Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи во сите области, што ќе значат подобрување на квалитетот на живот во државата, но и отворање на евро-атлантските перспективи, рече премиерот Заев.
На средбата се констатирани традиционално добрите пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Словенија. Премиерот Заев се заблагодари за значајната поддршка што во континуитет ја дава Република Словенија на Република Македонија за членството на земјава во ЕУ и во НАТО. Поранешниот словенечки претседател Кучан, кој е во Будва исто така за рефионалната Економска конференција, инаку, и денес почитуван и влијателен во политичката сфера, најави натамошна поддршка за Република Македонија којашто заслужува да биде дел од евро-атлантските структури.