Премиерот Заев на средба со американскиот амбасадор Бејли: После изборите ни претстои интензивирање на започнатите реформи
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли.
Амбасадорот Бејли ѝ честиташе на земјата за успешниот изборен процес и препорача државните институции да ги имплементираат препораките на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР.
Американскиот амбасадор во Република Македонија на средбата во кабинетот на премиерот Заев истакна дека сега е добро време и дека се создадени околности владата да се фокусира поинтензивно на најавените и започнатите реформски процеси, особено во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција на национално и на локално ниво.
Осврнувајќи се на говорот на Премиерот на конференцијата „Странски терористички борци, промовирање превенција и отпорност“, амбасадорот на САД ја истакна подготвеноста на Соединетите Држави да ги поддржува своите партнери во справувањето со овие глобални закани во зајакнувањето на капацитетите на институциите како што е Националниот комитет за за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се заблагодари за честитките за спроведувањето на изборниот процес, и истакна дека победата на изборите и големиот број освоени градоначалнички места за коалицијата што ја предводеше на изборите, во исто време е и голема одговорност и дека претстои период во кој освоената доверба ќе треба да се оправда.
Премиерот Заев додаде дека инсистира на чесно, одговорно и отчетно спроведување на политиките на централната и на локалната власт, и дека за сите отстапувања од овие принципи ќе следуваат реакции на институциите кои треба да го спроведуваат законот еднакво за сите.
Премиерот Заев се согласи со амбасадорот Бејли дека сега е вистинско време, после крајот на политичката криза и успешно спроведените избори, да настапи период во кој владата целосно ќе се посвети на интензивирање на реформите за економски развој на земјата, како и на динамизирање на процесите за евро-атлантските аспирации.
Претседателот на Владата на РМ нагласи дека во спроведувањето на суштинските реформи владата останува на заложбата тој процес да биде исклучително инклузивен и дека во овие активности очекува поактивно вклучување на опозицијата и на другите чинители.
Премиерот Заев се заблагодари на поканата да земе учество на конференцијата посветена на справувањето со екстремното насилство и борбата против тероризмот и нагласи дека Владата на Република Македонија ќе продолжи понатаму да ги надградува националните политики во оваа сфера и дека ќе ја поддржува меката превенција и работата на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.