Средба на премиерот Заев со црногорскиот министер за надворешни работи, Дармановиќ: Граѓаните на Македонија дадоа силна поддршка на реформскиот, мултиетнички концепт на Владата, се отвораат евро-атлантските перспективи
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, придружуван од амбасадорот на Република Црна Гора во земјава, Предраг Митровиќ.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Дармановиќ, оцени дека граѓаните на Република Македонија дале силна поддршка за отворениот реформски и мултиетнички концепт на новата Влада, што се покажа на последните избори и дека ваквите владини политики ги отвораат евро-атлантските перспективи на Македонија.
Министерот Дармановиќ додаде дека е забележителен напредокот на Македонија по промените, којашто е добар пример регионот.
Црна Гора, којашто го презема од Македонија претседавањето со Јадранската група, ја поддржува Република Македонија во НАТО аспирациите и ќе застане зад државата на тој пат.
На средбата заеднички е констатирано дека честите средби на високи владини нивоа помеѓу Република Македонија и Република Црна Гора, придонесуваат и за интензивирање на соработката помеѓу двете држави и за регионалната соработка којашто е важна во евро-атлантските процеси на земјите.
- Владата на Република Македонија работи на унапредување на стандардот на граѓаните и на зајакнување на регионалните односи со цел да обезбеди и квалитетен живот во Македонија и остварување на стратешките цели на државата за членство во ЕУ и во НАТО. Во тек се активни реформски процеси, во делот на правосудството е направен првиот исчекор преку предлогот за независно решение за републички јавен обвинител, ќе следуваат и законски реформи во оваа област, почнати се реформите на тајните служби коишто беа меѓу причинителите на политичката криза, а паралелно се одвиваат реформски процеси и во други области. Се надеваме дека и опозицијата ќе биде конструктивна и со придонес од сите страни ќе овозможиме Македонија да стане членка на НАТО и да се придвижи на патот кон ЕУ, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, додаде дека членството на Република Црна Гора во НАТО е мотивирачки пример како ако се има политичка волја може да се постигнат резултати.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Дармановиќ, дополни и дека добивањето датум за преговори на Република Македонија со ЕУ ќе биде дополнителен важен импулс за отворени европски перспективи за целиот регион.
На средбата, премиерот Заев и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Дармановиќ разговараа и за соработката во областа на инвестициите и економијата.