Средба на премиерот Заев со претставници на граѓанскиот сектор: Поддршка на иницијативата за донирање вишок безбедна храна
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со претставници на Националниот Демократски Институт, вишите програмски менаџери, Слаѓана Марјановиќ Пановска и Филип Чапароски и со претставници од граѓанскиот сектор, Блаже Јосифовски од невладината организација Ајде Македонија, Ана Голејшка од граѓанската иницијатива Ретвитни оброк и Тони Станковски, претседател на здружението на граѓани Љубезност, коишто се поддржани од 80-тина невладини организации во иницијативата за носење Закон за донирање вишоци храна.
Иницијативата на невладините организации, којашто е поддржана од американската непрофитна и непартиска организација НДИ, за донирање вишоци храна, е содржана и во Програмата на новата Влада. На состанокот се разговараше за нејзина реализација низ законска процедура, како и за имплементацијата, во што се планира активно да биде вклучен и граѓанскиот сектор.
Претставниците на НДИ и на невладините организации ја поздравија отвореноста на Владата, да се работи активно и заеднички на ова прашање, кое што е регулирано во сите современи демократски држави, а ефектите покрај хуман карактер вклучуваат и економско-социјални придобивки, како и заштита на животната средина.
- Владата на Република Македонија е подготвена да работи со сите заинтересирани чинители во општеството на сите важни прашања за граѓаните. Развиваме политики за подигнување на животниот стандард на граѓаните, но факт е дека хуманата димензија е важен сегмент во секое општество и ние ќе овозможиме нејзина активна примена. Ја цениме соработката со граѓанските организации којашто продолжува и по промените, преку градењето демократско, современо општество, рече премиерот Заев.
Претставниците на невладиниот сектор и на НДИ информираа за резултатите од направените анализи и предложија можни решенија, изработени по консултациите со министерствата за труд и социјална политика, за земјоделство, за финансии, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и со бизнис секторот преку стопанските комори.
Податоците, како што беше информирано, покажуваат дека Македонија е меѓу првите земји во светот по глава на жител во однос на фрлање безбедна, употреблива храна, што со законското решение, за кое што се разговараше, треба да биде насочена во хумани цели.