Премиерот Заев се сретна со претставници на МВР на Словенија од мисијата за поддршка на Република Македонија во обезбедување на јужната граница за време на мигрантската криза

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во рамките на официјалната посета на Република Словенија, денеска се сретна со претставниците на полициските структури на Министерството за внатрешни работи на Словенија кои учествуваа во мисијата за поддршка на Република Македонија во обезбедување на јужната граница за време на мигрантска криза.

Во присуство на премиерот на Република Словенија, Миро Церар, во топла и пријателска средба, на која присуствуваа заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, премиерот Заев истакна дека му е особена чест што има можност непосредно да им се заблагодари за несебичниот и одважен придонес на припадниците на МВР на Република Словенија, да учествуваат во обезбедувањето на границата на Република Македонија, во период кога нашата земја и Европа се соочуваа и ја решаваа мигрантската криза.

 

 

- Вашето учество во тие активности, поттикнато од изразената политичка волја на институциите на Република Словенија, е израз на одговорноста на вашата земја да го даде придонесот кон безбедноста на Европа, како и израз на подготвеноста да подаде пријателската рака – истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев во своето обраќање нагласи дека двете земји делат заеднички вредности кога е во прашање безбедноста и сигурноста граѓаните и на нашите општества.

- Задачата не беше лесна. Полициската постапка и процедура, како и безбедноста на нашата земја и на Европската Унија, на нашата граница се судри со мигрантската криза, а таа криза има човечко лице, човечки судбини. Задачата на полицајците беше деликатна: да се испочитува достоинството и човечката трагедија, и, во исто време, сето тоа да биде ставено во правната процедура и во безбедносниот систем. На тој начин дојде до израз хуманото лице на полициските структури – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Премиерот на Република Словенија Миро Церар истакна дека Словенија и Република Македонија низ оваа соработка на двете земји на границата на Европската Унија ги потврдиле исклучително добрите и пријателски односи меѓу двете земји. Соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи на дело ја покажа потребата од заеднички акции за некои од глобалните предизвици за мирот и стабилноста во светот.

 

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, врачувајќи го признанието - Благодарница за учеството на словенечката полиција во мисијата за поддршка на Република Македонија во обезбедување на јужната граница за време на мигрантска криза и истакна дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму.

Во име на припадниците на МВР на Република Словенија, учесници во мисијата за поддршка на Република Македонија во обезбедување на јужната граница за време на мигрантска криза, за доделеното признание се заблагодари заменик командантот на полициската станица Жалец, чии полициски служебници беа дел од контингентите на јужната граница во Република Македонија.