Повикувам да помагаме, да враќаме на заедниците и да го развиваме концептот за општествена одговорност
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на јубилејната десетгодишна манифестација Национална награда за најдобри општествено одговорни практики. Премиерот Заев имаше свое обраќање пред присутните, во кое истакна:
Почитувани организатори на оваа значајна манифестација,
Почитуван министри во Владата на Република Македонија
Почитуван амбасадаор на Европската Унија во Македонија, Семуел Жбогар,
Почитувани претставници на дипломатската и меѓународната заедница,
Почитувани деловни луѓе на нашата деловна заедница, почитувани претставници на граѓанскиот сектор,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,
Имам посебно задоволство да ја отворам десеттата, јубилејна манифестација - Национална награда за најдобри општествено-одговорни практики на претпријатијата во Република Македонија за 2017 година, и да упатам честитки до претставниците на претпријатијата за сите проекти со кои тие аплицираа.
Упатувам честитки и благодарност до сите вклучени институции и поединци за организирањето на оваа манифестација, како и за нивните останати активности за поттикнувањето и за успешното спроведување на политиките за општествена одговорност во земјата.
Дозволете ми овде пред вас да изнесам една своја, лична перспектива за концептот на општествена одговорност и за корпоративно одговорните компании:
Зошто постојат и за што работат компаниите? За профит или за некоја друга цел? За газдите, акционерите, или за општеството и граѓаните?
Некој ќе рече одговорот е едноставен: Заради остварување профит.
Но, ако отидете чекор понатаму во размислувањето, бргу ќе дојдете до заклучокот дека ако некоја компанија сака да прави профит, мора да се грижи и за општеството, за заедницата во која го остварува бизнисот.
• Мора да произведува квалитетни производи или услуги, или клиентите ќе си заминат да работат со некој друг.
• Мора да се однесува со вработените фер, или тие ќе си заминат од работа.
• Не смеат да ја загадуваат животната средина, зашто ќе се соочат со гневот на заедницата...
Во исто време, колку и да звучи парадоксално, но општествената одговорност на компаниите се состои во тоа да го зголемат профитот. Колку поголем профит, толку е поголема можноста позначаен процент од заработката на компаниjaта да отиде во општествено одговорни проекти. Во проекти за заедницата во којашто живеат и работат. Оти, сите ние доаѓаме од некоја заедница и сите ние правиме добри дела кога враќаме на своите заедници.
Според одредени студии и анализи, компаниите што имплементираат корпоративна и општествена одговорност, имаат 2-3 отсто поголем профит од нивните конкуренти.
Корпоративната култура, бизнис политиките за лојалноста на клиентите или потрошувачите, иновативниот пристап во управувањето кој вклучува волонтерски пристап и служење на заедниците, поттикнува промени во компаниите, кои пак можат да предизвикаат многу поголеми промени и резултати во средините во кои работат.
Средините кои станале подобри заради придонесот на општествено одговорните компании, им возвраќаат на компаниите со мотивирани работници, со стимулативни услови за унапредување на бизнисот. Тоа е тој круг во кој општествено одговорните компании и стимулирачките средини си возвраќаат едни на други.
Радува и фактот што сѐ повеќе компании во Република Македонија се свесни дека со вложувањето во општествената одговорност вложуваат во својата конкурентност, најмногу поради тоа што овие практики станаа предуслов за работа и извоз на странски пазари, особено на пазарот на Европската Унија.
И наградата за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Република Македонија за 2017 година има за цел да промовира позитивни практики и притоа да инспирира воведување и натамошно унапредување на активноста на фирмите во подобрувањето на животот на граѓаните, индивидуите и групите во Република Македонија.
Почитувани дами и господа,
Сакам да напоменам дека заедно со сите други земји, посветени сме на имплементацијата на Целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година, кои се тесно поврзани со корпоративната општествена одговорност.
Суштината на Целите за одржлив развој е опфатена во една единствена реченица: „Никој да не биде изоставен“. Ова е и нашиот водечки принцип во сè што правиме. Драго ни е што реформската програма на Владата е заснована врз истиот принцип.
Дозволете ми, во оваа пригода, да издвојам една од целите. Осмата цел: Обезбедување на одржлив економски развој и чесна работа, и јас би додал, и награда, за сите.
Еден од принципите, од столбовите, врз кои почива економската програма на Владата на Република Македонија е - економскиот раст.
Со поддршката на инвестициите, на извозот и на малите и средни претпријатија, го отвораме процесот на покачувања на платите. Го направивме првиот чекор со зголемувањето на минималната плата и притоа значително внимание посветуваме на стабилноста на бизнисите. Едното без другото не е возможно.
Инсистираме на пораст на платите како еден од двигателите на економскиот раст.
Нашата цел е да создадеме услови за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, за да го забрзаме економскиот раст којшто е еден од главните цели на една успешна влада.
Компаниите ќе добијат поддршка за новокреирани работни места со плата за 50% повисока од минималната плата.
Иницираме мерки за високоплатените кадри. Целта е младите луѓе, и оние со високо ценети и платени професии, кои досега ни заминуваа, да останат да живеат и работат во Македонија, и да бидат добро платени за тоа. Сите да имаат економска причина и логика да останат во својата, во нашата Македонија.
Сите овие мерки, учествуваат во креирањето на нови, добро платени работни места, во пријателски и мотивирачки средини.
Почитувани присутни,
Во државите членки на Европската Унија се забележува дека е сѐ поактивна улогата и придонесот на деловниот сектор во остварување на потребите на заедницата. Сѐ поголема е соработката со граѓанските организации во давање услуги и спроведување проекти во јавни дејности. За таа цел, Владата презема мерки со цел да го поттикне партнерството помеѓу граѓанските организации, деловниот сектор и институциите со стимулирачки олеснувања во даночната политика.
Сигурен сум дека концептот на општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија засилено ќе се развива и во иднина, со зголемување на бројот на компаниите, кои со своето транспарентно и етичко однесување ќе придонесуваат и понатаму за заштита на животната и општествената средина, за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат.
Повикувам да помагаме, да враќаме на заедниците кои беа околу нас секогаш за да се развиеме во нашите лични и професионални ангажмани и како личности и како компании.