Премиерот Заев: Доставени 16 нови инкубатори донација од Владата, повикувам заедно да преземаме активности за заштита на животот и здравјето на граѓаните

Почитувани претставници на медиумите,

Денеска сме овде на Клиниката за гинекологија и акушерство за убава работа, да обзнанам пред граѓаните и јавноста на Република Македонија дека најавените инкубатори, донација од владата се доставени на Клиниката за гинекологија и акушерство и може да се стават во употреба

На одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство пристигнати се вкупно 16 инкубатори кои веќе од денеска може да се користат. Веруваме дека со оваа донација ќе придонесеме кон зголемување на квалитетот на грижата на предвреме родените новороденчиња. Во другите клиники низ Република Македонија ќе бидат доставени уште 10 инкубатори и тоа во општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и Струмица, како и на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, во Скопје.

Наша најголема заложба и обврска како Влада на Република Македонија и како одговорни граѓани е да се грижиме за најмалите уште од првиот момент после нивното раѓање бидејќи се работи за самиот почеток на животот на идните генерации како најважна и највисока човечка вредност.

Грижата за новороденчињата е, и ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети на Владата на Република Македонија и суштинска вредност во нашето работење.

Македонија е земја со многу висока смртност на новороденчиња. Ако во минатото не се посветуваше доволно внимание на овој проблем, денеска ја користам приликата да ги повикам сите општествени чинители, политички субјекти, институции, општествено одговорни компании, граѓански организации, граѓани заедно да работиме, да се бориме со овој горлив проблем за да ја промениме оваа состојба и да преземаме акции за заштита на здравјето и животите на граѓаните.

Горчината во душата што ја чувствуваме кога ќе го слушнеме процентот на смртноста на бебињата, крајно време е да ја отстраниме од нашите души.

Ваквите донации се пример дека можеме заедно и државата и приватниот сектор да придонесеме кон решавање и на нај горчливите проблеми што ги мачат граѓаните. Се радувам што во нашата земја постојат позитивни примери, како денешниот со Скопска Пивара каде што можеме да видиме како општествено одговорна компанија дава директна помош за унапредување на условите во одделението за интензивна нега кадешто мајките ќе се згрижуваат откако ќе ги донесат своите новороденчиња на свет.

Очекувам дека оваа позитивна пракса ќе продолжи, а ние како влада со одговорни политики и сопствен пример ќе поттикнуваме и мотивираме бројот на општествено одговорни компании во земјата како и други граѓани да расте.

 

1. Кој ќе биде новиот наследник во министерството за здравство? Дaли тоа значи дека ако е од СДСМ ќе има реконструкција или местото останува на Алијансата? И кога точно ќе биде донесена одлуката? 

Заев: Сè уште немаме одлучено, ние почнавме разговори политички со коалиционите партнери внатре. Се надевам дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Секако сите опции се отворени. Во моментов ниту јас знам кое ќе биде името, ниту од која политичка партија ќе дојде и кој ќе биде...


2. Затоа и вас ве прашуваме, вие седнавте и разговаравте..

Заев: Јас сум само еден претставник на политичките партии кои партиципираат во владиното и Парламентарното мнозинство. Консултациите продолжуваат секако. Јас би рекол вака: Сите опции се отворени. Пред сè е многу важно и персоналното решение. Многу е важно за какви луѓе разговараме. Здравството е многу важно во очекувањата на граѓаните. Ако дојде од Алијансата тогаш нема да има реконструкција, ако дојде од друга политичка партија тогаш логично ќе биде. Алијансата останува во коалиција и треба да има министерско место. Затоа се отворени сите овие можности за дебата. Најверојатно и пресудно ќе биде имињата кои ни стојат на располагање и кои што ќе преземат ваква одговорна функција. 


3. Кој е предлогот на Алијансата за министер за здравство?

Заев: Алијансата ни соопшти име, мене како мандатор, за министер за здравство. Но, тоа само од Алијансата. Ние имаме и други имиња кои што сакаме да ги разгледаме, во зависност од навистина најдоброто решение кое што можеме да го донесеме. Затоа што овие одлуки сега се носат. Нема други избори за да може да се променат некои решенија и јас верувам дека треба да се водиме од стручноста. 


4. Кои се другите опции, од другите партии?

Заев: Сега се одлучува за пополнување на испразнето министерско место, поради тоа што поранешниот министер стана градоначалник на Гостивар. И во одлучувањето мора да нè води прво името, човекот. За да може прво граѓаните, пациентите, лекарите, медицинската фела, да му веруваат на човекот. Тоа е минимум што го очекуваме, после заедно со помош на сите, се надеваме на успешни реформи во здравството поради тоа што се неопходни.

На секоја можна анкета, граѓаните прво очекуваат реформи во здравството, па после во образованието, па празен простор, па доаѓаат другите важни, антикорупција, реформи во судството и слично. Така што, сите опции се отворени, верувајте.


5. Зошто е одложена средбата со Нимиц, и дали очекувате конкретен предлог од Нимиц? 

Заев: Јас споделив информација при посета во странство, тоа што го имав. Транспарентни сме, секојпат го кажуваме. Состанокот закажан од Метју Нимиц, уште вечерта ми стигна информација дека е одложена, веројатно од некои претставници кои што учествуваат во тимот. Тоа е замислена средба, барем колку што знам јас, сепак организаторот е медијаторот Нимиц, да се види со преговарачките тимови. Нема на политичко ниво, министри, премиери, претседатели на држави или слично. Затоа ќе очекуваме навистина тој да ги потврди конечните датуми. 


6. Во јавноста се шират информации дека наводно дека стигнало понуда од самите се понудиле од Обединети за Македонија, на Љубе Бошковски да бидат дел од Владата. Дали Вие имате испратено барање до нив или они се понудиле да бидат дел од тимот?  

Заев: Со Обединети за Македонија имаме коалиција и пред и после Парламентарните избори склучено во делот на она што значи партиципација во извршната власт. Тие имаат распоредено веќе некои раководни места, во распределбата на местата кои ги преземаат сите политички партии. И тоа е потврдено, затоа што знаете нашиот став на вкупниот број на опозициони гласови наспроти владеачките гласови беше тврдењето зад кое што и до крај останавме. И навистина сите политички партии, вклучително и ВМРО – Народна партија, која што доби места, не ги прифати од самиот старт, но остави можност веднаш после изборите, штом ќе бидат официјално завршени да разговараме и да бидат составен дел и од извршната власт. Со сите тие партии имавме коалиција и на локалните избори. Тоа самото по себе потврдува дека ги разгледуваме сите кандидатски места, сите кадровски решенија, кои што можат да бидат добро решение во интерес на граѓаните. Така да, кога зборував дека разговараме за потенцијален министер од Алијанса, разговараме и од другите политички партии, со сите кои можат да учествуваат. И на крајот знаете дека имаме и министри кои што немаат врска со политички партии. Најважно е какво решение ќе избереме. Навистина здравството е високо во приоритетите, највисоко во приоритетите на Владата и не сакаме да погрешиме со едно вакво решение. Дури денеска ќе овластиме за одредени плаќања на сметки на заменик министерот за да можеме да платиме, не знам, струја, греење и одредени други фактури. Сè со конечна цел, да добиеме ден, два три, да изнајдеме максимално мудро решение. 


7. До крајот на неделата ќе има нов министер за здравство? 

Заев: Јас се надевам дека ден поскоро ќе се договориме за оваа работа. Важно е прашањето. Знаете дека локалните избори предизвикаа одредена чувствителност. Се обидуваме навистина сите да работиме во интерес на граѓаните и затоа во првиот момент реков да паднат малку прашините. Паднаа прашините, постои пријатен момент за разговори. Се надевам со взаемна почит сите и насочени кон максимално најдобро решение, ќе изнајдеме решение за кадровските промени кои што треба да се случат во Владата. 


8. Кои се имињата кои би требало да се разгледуваат?

Заев: Не би сакал да спомнувам имиња. Знаете ако не биде човекот, лошо е да се спомнува името на секој. Тоа се врвни експерти за кои што разговараме. 

 

9. Покрај вашето ветување, Казандол продолжува да се гради. Дали ќе си го одржите зборот и ќе прекине изградбата на рудникот?

Заев: Значи еве уште еднаш да ги потврдам нашите ставови – ние сме против рудници кои што го користат цијанидот, сулфурната киселина, рудници кои што апсолутно немаат еколошки заокружен проект или слично. Македонија не сака да биде земја без рудници нормално. Но, пред сè и над сè, здравјето на граѓаните е императив. Овие рудници во своите студии во лачење на рудата го имаат тоа. Посебно драматургијата е уште поголема што од првиот момент тоа не било така. Било без користење на овие отровни средства. Така да, во правна процедура, во сите постапки ние ќе постапиме согласно нашите ставови за кои што транспарентно зборуваме. Вчера се отворија дебати за мапирање во државата на генералниот урбанистички план, дури и на тие рудници. Нека се мапира сè како што треба. Но, апсолутно лачење со цијанид, изведба на рудници без еколошки комплетно оформен процес и тоа не само на документ, граѓаните да му веруваат на тоа што треба да се случи, ние нема да дозволиме употреба на ваквите рудници. 


10. Ќе побарате ли некаков елаборат? 

Заев: Не не, во правната постапка веќе нашите правници почнаа одредени процедури и постапки. Значи не ни треба некој посебен елаборат. Ние сме должни, тоа што е незаконски, нечесно и нездраво за Македонија да го спречиме и работиме на тоа. Се надевам дека во иднина сите можни детали кои што ќе ги имаме на располагање, веднаш ќе ги споделиме со јавноста. 


11. Вашиот коалиционен партнер најави вчера во интервју дека ќе има централна служба за спроведување на јазициве и тоа ќе биде сконцентрирано најверојатно во главниот град, за да не одат по внатрешноста. Тоа значи нова служба со нови вработувања и конкретно Албанци или не сте запознаени за такви решенија?

Заев: Ќе ги искористиме ресурсите кои што постојат во јавната администрација. Се работи за преведувачко тело кое што треба да му даде пас и лесна реализација на законот за употребата или за унапредување на употребата на јазици, се во функција да има негова практична примена. Не сме планирале некои нови вработувања во тој дел. Одиме со пополнување на празните места во јавната администрација. Но верувам и знаете и сами дека има еден куп луѓе кои што земаат плата, а не работат. Можеме тоа целото да го искористиме, тоа е ресурс на државата – да биде максимално и рационално употребен за сите аспекти на нормално функционирање, и на законодавството и на животот во Македонија.