Средба на Премиерот Зоран Заев со Претседателот на Република Албанија, Илир Мета: Нашите две земји имаат слични предизвици, да работиме на унапредувањето на заедничките интереси во областа на економијата, развојот на инфраструктурата и енергетиката
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на Република Албанија, предводена од Претседателот на државата Илир Мета, кој се наоѓа во дводневна посета на Македонија.
Премиерот Заев, изразувајќи особено задоволство за посетата на високата делегација од Албанија, истакна дека средбата ги реафирмира принципите на добрососедство, заемно почитување и реципроцитет, посебно истакнувајќи дека во таа насока во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија.
Двајцата соговорници, Заев и Мета се согласија дека Македонија и Албанија се земји со слични предизвици и меѓусебната соработка само ги потврдува пријателските односи, кои уште повеќе ќе се унапредат со зголемување на соработката во областите на економијата, трговијата, развојот на инфраструктурата, енергетиката.
Беше разговарано за Коридорот 8 и подготвеноста на двете страни за реализација на проекти од областа на патната и железничката инфраструктура, со акцент на важноста и на културната соработка и соработката во образованието и спортот.
Посебно беше истакната поддршката во областа на туристичката размена.
Заев и Мета се согласија дека меѓусебното помагање на меѓународен план придонесува за подобрување на условите за економско - трговска соработка и едногласно испратија порака дека постои простор трговската размена меѓу двете земји да расте и да се развива.
- Градиме едно општество за сите. Се заложивме да не ги делиме граѓаните, сите да имаат исти права и исти обврски и сите делови од нашата држава да се развиваат еднакво, рече премиерот Заев.
Тој ја истакна континуираната поддршка на Албанија за членството на Република Македонија во НАТО и ја потенцираше соработката меѓу двете земји за што поскора интеграција во Европската унија.
Претседателот Мета изрази поддршка за Евроатлантските интеграции, со надеж за успех во решавањето на сите отворени прашања. Мета ги подвлече заложбите на Република Албанија за почитување на културата и идентитетот на малцинските заедници во Албанија.
Премиерот Заев, нагласи дека очекува припадниците на македонското национално малцинство да ги имаат истите колективни права подеднакво на целата територија на Албанија.
Претседателот на македонската Влада ја истакна и потребата од реактивирање на работата на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Албанија.