Премиерот Заев од работниот состанок за социјална инклузија на Роми во РМ: Градиме општество за целосна социјална инклузија на Ромите, како граѓанска и владина обврска во име на спокојна иднина за сите нас
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше на вториот работен состанок за социјална инклузија на Ромите во Република Македонија. На него, покрај министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во РМ, Самка Ибраимовски, учествуваа и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и претставниците на Делегацијата на ЕУ во земјата, Никола Бертолини и Марта Гарсија Фидалго, како и претставници на невладиниот сектор.
Во своето обраќање пред присутните премиерот Зоран Заев истакна:
Владата на Република Македонија е определена да гради инклузивно општество и Да, ќе овозможиме целосна социјална инклузија и на граѓаните Роми во Република Македонија. Ние сме решени на тоа.
Напластените проблеми не познаваат националност, вера, или друга различност. Ако тргнеме од прашањата кои се важни за овој состанок, треба да констатираме дека домувањето, поседувањето лични документи, вклученоста во образованието и културата, вработувањето и здравственото осигурување, или малолетнички бракови, засегнуваат ГРАЃАНИ.
Ние на граѓаните во Република Македонија така гледаме, низ нивните заеднички потреби и изнаоѓањето квалитетни решенија што ќе одговорат на потребите на сите.
Но факт е дека најзасегнати за посочените прашања се граѓаните Роми, и факт е дека треба да се преземат активни мерки, без одложување.
На теренот Министерството за труд и социјална политика заедно со граѓанските организации работи на мотивација на родителите од ромските семејства, да ги испраќаат децата во градинка и училиште.
Се вклучивме поактивно во обезбедувањето просторни услови за Ромските информативни центри. Обезбедуваме вистинска комуникација со граѓаните, советување, и поддршка во остварувањето на нивните права како граѓани на оваа наша Македонија, рамноправни со сите други.
Според достапните мапи на податоци за лица што се соочуваат со недостиг на лични документи и евиденција во матичната книга на родени, и по утврдувањето на состојбите на терен, ќе ги заокружуваме податоците што треба да ни овозможат темелен пристап во решавањето на овој долгогодишен проблем. Затоа што, тоа не е проблем само на граѓаните Роми, туку е проблем и на државата.
Исто како што не е проблем само на граѓаните Роми, туку и на државата, редовното пред школско и училишно образование на децата Роми, кои ако имаат соодветно образование, полесно ќе обезбедат и свој простор на пазарот на трудот. Вработувањето ќе значи и лична егзистенција и егзистенција за своите семејства.
Јас сум убеден дека оваа Влада ќе покаже побрзи и видливи резултати во овие области затоа што ние се поставивме така што ги тргаме клучните бариери, а тоа се предрасудите за нашата различност.
Секое дете ни е важно и секој граѓанин ни е важен. Секој!
Како Влада се определивме за тесна соработка со граѓанскиот сектор, којшто со долгогодишната работа на теренот е добро запознаен со проблемите и начините на коишто може да се подобри положбата на граѓаните Роми во Република Македонија.
Клучно е дека постои политичка волја кај новата Влада на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за состојбата на Ромите во Република Македонија и за следење на сите европски препораки, меѓу што и почитување на Европската Платформа којашто се однесува на инклузија на Ромите во општествата.
Би рекол, доста е зборување, време е за конкретни иницијативи.
Тука сум денеска да ве охрабрам и да испратам цврста порака. Ќе следам како ќе се решава, под наводници “ромското прашање“ во Република Македонија, затоа што, само ако сме сите среќни, можеме да бидеме навистина среќни. Оти, таканареченото “ромско прашање” е граѓанско прашање, прашање на Република Македонија.
Ромите се рамноправен народ во Република Македонија.
Децата Роми имаат право да ги уживаат детските права.
Се работи за желба да изградиме општество за сите, но се работи и за обврска да го направиме тоа, во име на нашата заедничка иднина, во име на спокојна иднина са сите нас.
Почитувани пријатели, Ромите ќе го добијат уставно загарантирано право на еднаквост и правото за достоинствено место во Република Македонија, во нашата заедничка држава, во Македонија за сите.