Ќе се реконструираат пет училишта и две градинки во Општина Аеродром

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Аеродром Ивица Конески денеска на прес-конференција објавија дека Општина Аеродром распиша тендер за реконструкција на пет основни училишта и две градинки.

Конески изјави дека за оваа намена од Буџетот на Општината се обезбедени два милиони евра. - Реконструкцијата ќе започне во февруари и ќе трае до крајот на годината, најави градоначалникот додавајќи дека децата кои посетуваат настава во овие училишта и одат во двете градинки од септември ќе имаат европски стандарди.

Станува збор за реконструкција на основните училишта „Лазо Ангеловски“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Гоце Делчев“, и тоа централното и подрачното училиште, како и градинките „Лале“ и „Пчелка2“. Фирмите што ќе бидат избрани на тендерот ќе имаат обврска да ги реконструираат фасадите, покривите, санитарните јазли, подовите, водоводната инсталација, како и влезниот трем на едно од училиштата.

Вицепремиерот Ставрески рече дека Општина Аеродром е една од најпрогресивните општини и пример како капиталните и инфраструктурните инвестиции, обезбедени од сопствени средства, директно можат да влијаат врз подобрување на квалитетот на животот.

- Има општини во Република Македонија, а општина Аеродром е една од водечките во тој поглед кои успеваат со сопствени финансиски средства да реализираат значајни инфраструктурни проекти за граѓаните. На таков начин Општина Аеродром целосно се вклопува во нашите напори за целосно пренесување на повеќе надлежности преку процесот на децентрализација на општините, кои Владата го поддржува на различни начини, рече Ставрески.

Поддршката на Општините се остварува преку зголемување на финансиските средства што се одвојуваат преку блок дотациите, преку средства кои им припаѓаат на општините од продажба на градежно земјиште, преку концесиите за минерлани суровини и преку кредитни средства во износ од 200 милиони евра.

Со овој крупен проект, додаде вицепремиерот Ставрески, произлегува уште една бенефиција, а тоа е што ќе се отвори работа и за градежните компании, а на тој начин Општината практично придонесува и во борбата со европската криза и последиците од неа врз македонската економија.

Отворањето на јавната набавка за реконструкција на училиштата е закажана за 31-ви јануари, по што ќе се склучат договори и веќе во текот на февруари ќе може да почне големата реконструкција.

На крајот на минатата година Општина Аеродром почна ист ваков проект во основното училиште „Браќа Миладиновци“, каде веќе се реконструираат санитарните јазли, се врши замена на азбесниот покрив со ребрест лим, се заменуваат прозорците, подовите, како и фасадата, на чие место ќе се постави нова со микротермичка изолација.