Премиерот Заев на средба со извршниот директор на Светска Банка, Франк Хемшкерк: Позитивните текови во земјата се видливи, Светска Банка стои на располагање за реализацијата на владините реформи
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, од вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и од министерот за финансии Драган Тевдовски, оствари средба со извршниот директор од бордот на директори на Светска Банка, одговорен за конституенца од 13 земји, Франк Хемшкерк.
Премиерот Заев, пред господинот Хемшкерк истакна дека Владата е посветена и како приоритет го има реконструирањето и подобрувањето на инфраструктурата во Република Македонија како основен предуслов за развој на економијата.
Претставувајќи ги приоритетните заложби на Владата, премиерот подвлече дека оваа Влада ќе ги искористи сите резерви и капацитети за да го зголеми БДП, да отвори повеќе работни места и да привлече повеќе капитални инвестиции во земјата.
Тој исто така посочи дека инфраструктурните проекти се дел и од приоритетите на ЕУ, која поддржува поквалитетно поврзување на целиот регион, а Македонија нема друга иднина освен како дел од Европската унија и НАТО алијансата.
Премиерот Заев посочи дека Светска Банка е традиционален партнер на Република Македонија и Владата е спремна да ја продолжи соработката со оваа престижна финансиска институција.
Господинот Хемшкерк, на средбата ги презентираше можностите за понатамошна соработка и поддршка на владините реформи во делот на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетската ефикасност, како и во делот на поддршка на владините напори за привлекување на странски и домашни инвеститори, нагласувајќи дека на силна влада и требаат иновативност и упорност во креирањето нови работни места.
Споделувајќи ги своите сознанија за позитивниот тренд од отпочнатите реформи на Владата, тој истакна дека ќе се заложи Република Македонија да ги добие најдобрите услови за понатамошна соработка со Светска Банка, што ќе значи и сигурност за сите потенцијални инвеститори.
- Мора да најдеме одржливо решение за планираните инфраструктурни проекти, затоа што добрата инфраструктура сама по себе е охрабрување за потенцијалните инвеститори – потенцираше премиерот Заев.
Господинот Хемшкерк ја поздрави транспарентноста на Владата, и отчетноста за својата работа, на што премиерот Заев додаде дека транспарентноста, во работата на Владата придонесува шансите за грешки да бидат минимални.