Премиерот Заев на Националниот Форум на градоначалници и градоначалнички: Имаме политичка волја и да спроведеме максимален трансфер на надлежностите и финансиите од централно на локално ниво
„Оваа Влада на Република Македонија е цврсто определена да овозможи рамномерен регионален развој и квалитетен живот за сите наши граѓани во оваа наша убава земја, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Јас како премиер и ние како Влада се обврзавме да ја зајакнемедецентрализацијата, да овозможиме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво и тоа да го сториме со соодветно префрлување на финансиски средства за нивно извршување“, изјави претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на Националниот форум на градоначалници и градоначалнички на тема: ,,Вистинска децентрализација”, кој во Струга го организираше Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
На дводневната дебата, на која се разговараше за процесот на пренесување на одговорностите на општините и обезбедувањето на соодветно финансирање за давање локални јавни услуги учествуваа и шефот на Делегацијата на Европската унија Самуел Жбогар, претставничката на УНДП Луиза Винтон, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, заменичката на министерот за финансии, Ширет Елези и градоначалниците и градоначалничките на општините во државата, меѓу кои и новоизбраниот претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа, ЗЕЛС, Петре Шилегов.
Нагласувајќи дека граѓаните на Македонија имаат исти потреби и исти права, како што се квалитетна вода за пиење, чист воздух, чиста околина, безбедна инфраструктура како и достапни социјални и институционални сервиси, премиерот Заев ја истакна потребата од блиско комуницирање и соработка во локалните самоуправи. Според него, многу е важно да се вклучат граѓаните во носењето на одлуките.
„Слушајте ги луѓето и разговарајте со нив. Тоа е мојата прва и клучна порака, рече претседателот на Владата на РМ, потенцирајќи дека поради тоа првите луѓе на општините ја добиле довербата од граѓаните“, им пренесе на присутните на трибината премиерот Заев..
Истовремено, тој ја потенцираше неопходноста од локалниот развој и завршување на процесот на децентрализација на општините и нивно финансиско осамостојување.
Премиерот Заев оцени дека повеќето од општините во Македонија страдаат од недостиг на финансиски и човечки ресурси за извршување на своите функции и подвлече дека освен од парични средства постои и политичка волја за вистинска децентрализација. Тој информираше дека по основ на две ставки, рамномерен регионален развој и трансфери во единиците на локалната самоуправа во 2018 година ќе се издвојат вкупно 890 милиони денари или 14,4 милиони евра повеќе во однос на 2017 година.
„Веќе предвидовме зголемување на средствата за рамномерен регионален развој. Директно, вкупното зголемување на средствата во Министерството за локална самоуправа и во Бирото за рамномерен регионален развој за 2018 година е 107 милиони денари, или за 47 проценти повеќе во однос на 2017 година“, рече премиерот Заев.
Тој образложи дека целта на Владата е да се достигне законски предвидениот износ од еден процент од Бруто домашниот производ за рамномерен регионален развој или околу 100 милиони евра на годишно ниво.
„Знаеме дека за општините се важни блок дотациите. За блок дотациите, наменските дотации и ДДВ-то предвидовме зголемување од околу 780 милиони денари за 2018 година, или за околу 4,6 проценти повеќе средства во однос на 2017 година“, истакна премиерот Заев.
Пред присутните на Форумот, премиерот Заев подвлече дека со помош на швајцарската амбасада се работи на воспоставување на систем во сите предвидени министерства и во општините за алоцирање на вкупно издвоените средства за регионален развој и следење на нивното распределување по региони.
„Дополнително, со две одлуки на Владата од месец август, се формираа работни групи во Министерствата за финансии и локалната самоуправа со цел да се направат проценки за можноста за зголемување на зафаќањето од ДДВ-то од постоечките 4,5 на шест проценти, додаде премиерот Заев.
Бидете гласни, секогаш барајте од централната власт, само така ќе се успее да се дојде до ,,развластување” и осамостојување на општините“, рече премиерот Заев.
Тој информираше дека се прават напори да се овозможи враќање на долговите на општините кои сега изнесуваат 250 милиони евра преку кредити со помали камати со грејс период со што ќе се овозможи компаниите на кои ќе им бидат вратени долговите, повторно да вложуваат.
„Транспарентното и отчетно работење мора да биде наш приоритет. Работете чесно, посветено и одговорно, бидете отворени со бизнис секторот, со цел отворање на нови работни места, да покажете дека ја сакате вашата општина, за да ја сакаат и граѓаните“, порача премиерот Заев на Форумот за децентрализација, подвлекувајќи дека граѓаните ја препознаваат заложбата за успешно градење и развивање на општината.
Претседателот Заев пред градоначалниците и градоначалничките истакна дека е важно функционирањето на секоја институција и општина и дека успешноста на еден градоначалник се гледа и преку тоа на каков начин ќе се искористат парите во општините, во интерес на граѓаните. Тој препорача градоначалниците да соработуваат со Советите на општините, заради целокупното функционирање на општините и да ги надминат чувствата на партиска припадност, за да ги исполнуваат интересите на сите граѓани.
„Ние како Влада донесовме одлука, а ќе дадеме препорака да ја практикува и локалната самоуправа. Секој договор за јавна набавка, откако ќе заврши тендерската процедура не ќе може да се реализира доколку не се објави јавно, на веб-страната на општината. За да видат граѓаните која е фирмата што ќе работи, која е цената, која е постапката во која што е одредена. Ве уверувам дека тоа ќе заштити многу и во вашето работење и генерално како држава, рече премиерот Заев, додавајќи дека чесното и транспарентно работење ќе доведе до многу повеќе средства за општината.
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, упати благодарност до УНДП, Европската унија, и другите организации и амбасади што го помагаат процесот на децентрализација и локалниот развој, како европските вредности, што ги делат и граѓаните на Република Македонија.
За приоритетите на градоначалниците говореше и новиот претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа, ЗЕЛС, Петре Шилегов. Тој подвлече дека треба да се надмине досегашната пракса на влијание и на присвојување на поголемиот дел од надлежностите на единиците на локалната власт од страна на централната власт, и дека е неопходно општините повеќе да соработуваат меѓу себе, и да воспостават искрен дијалог со централната власт.