Премиерот Зоран Заев на Конференција за образование во организација на УНИЦЕФ: Заедно ќе создадеме образовен систем, што понатаму само ќе се надоградува, наместо постојано да се менува
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска присуствуваше на Конференција за квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина, во организација на УНИЦЕФ, која се одржа во хотелот Александар Палас.
Премиерот Зоран Заев во својот говор пред присутните истакна:
Почитуван претставник на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, почитувани професори од Велика Британија, САД, од Словенија, Хрватска, Албанија, Србија, почитувани експерти од Светска банка, од ОЕЦД, почитувана министерке за образование, Рената Дескоска, почитувани присутни, екселенции, градоначалници, гости, почитувани медиуми.
Сакам на самиот почеток да ве уверам – еден од приоритетите на оваа Влада е создавање одржлив образовен систем во Република Македонија. Знаеме дека ако како држава се посветиме на создавање стручни и образовани кадри, од мали нозе, тие ќе можат да си го најдат своето место на пазарот на трудот.
Со тоа, ќе можат да ја обезбедат својата егзистенција. Со тоа ќе можат понатаму да ја обезбедат егзистенцијата на своите семејства. Со тоа ќе придонесуваат во економскиот развој на државата. Со тоа ќе бидат конкурентни не само дома, туку и во другите држави. Со тоа ќе придонесуваат и за растот и развојот на економијата и во европското семејство, од кое што целиме да бидеме дел, како граѓани и како Република Македонија.
Знаењето е клучот за животните порти и ова искуство на светот е движечка мотивација на државите од светот да вложуваат во усовршување на своите образовни политики. Новата Влада на Република Македонија е определена кон одржливи решенија во образовниот систем, во којшто досега многу се експериментираше, а најголема штета од тоа претрпеа децата, учениците, студентите, носителите на иднината на државата.
Толстој, кој зборувајќи за учењето констатира дека „Знаењето е знаење, кога е стекнато со напор на сопствените мисли, а не со паметење“. И нашата обврска број еден е да им го овозможиме на децата токму тоа – индивидуални знаења. Така се станува добар механичар. Така се станува и врвен научник.
Но нашите ученици учат многу предмети, а имаат лоши знаења, еве и според последните истражувања на ПИСА. Зошто е тоа така?!
Можеби токму поради тоа што имаат многу предмети. „Кој подеднакво сè знае, најчесто ништо не знае“, не напразно вели една латинска поговорка.
Затоа почитувани присутни, Владата, преку Министерството за образование веќе почна со ревизија на наставните планови и програми. Започнати се и процеси на ревизија на учебниците, како и на менување на законите што се однесуваат на образованието.
Во овој период нашата држава учествува во меѓународните студии ПИСА 2018 и ТИМСС 2019. Во нив се користат тестови преку коишто учениците треба да покажат што знаат, но и за практичната применливост и разбирањето на нивните знаења.
Така ќе ги утврдиме и факторите поврзани со постигнувањата на учениците и ќе ги нотираме конкретните фактори што донеле до послаби резултати. Во таа насока веќе ја зголемивме сумата во буџетот за 2018 година, за учество и подготовка за овие меѓународни студии.
Многу од работите што треба да се променат се однесуваат на мотивација на наставниците и учениците, на креативност во работата и учењето, на иницијативност, на инклузивност, на следење современи трендови во наставата и користење современи методи. Затоа со буџетот за 2018 година, обезбедени се дополнителни средства, со што ќе се реализира најавеното зголемување на платите во висина од 5% во основните и средните училишта, а предвидени се и нови вработувања според реалните потреби.
Следната година ќе почне и опремувањето на основните и средните училишта со современи лаборатории, што ќе придонесе во практичната настава и зголемување на интересот на учениците за наставните содржини. Исто така, планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата. Учениците да можат да ги стекнуваат знаењата главно на училиште, за да имаат повеќе слободно време дома. Така ќе ги ослободиме од психолошките притисоци на обврска за постојано механичко седење над книгите, што знаеме дека не дава резултати.
Се фокусираме кон квалитетно средно стручно образование, повеќе пракса, за подобри основи на знаењето. Не сите ученици сакаат да продолжат со високо образование. Во високото образование, размислуваме да има и пократки студиски програми, од 3 години. Бидејќи се важни афинитетите на децата, ќе воведеме и механизми со кои ќе можеме да ги насочуваме децата кон она што го можат. Така може да развиваме талентирани генерации, од коишто ќе добиеме квалитетна високообразована научна сила, како и стручна работна сила.
На претпријатијата, на пазарот на трудот, дали во Македонија, дали во Европа или земји од светот потребни се и едните и другите. Но суштинско во сето ова е да го задржиме психофизичкото здравје на децата. Тоа ќе го постигнеме ако ги ослободиме децата од притисоците и стресот на оценувањето од раната возраст, што е исто така предмет на разгледување, како и преку воведувањето повеќе спорт во училиштата.
Едно е јасно. Потребни се иновации во наставата. Образованието мора да биде прилагодено кон потребите на учениците. Мораме да го стимулираме интересот на децата за одредени области од најрана возраст, нивните способности за примена на знаењето, секој од нив да го даде најдоброто од себе, да го развива критичкото мислење што е клучно и за развојот на личноста, но и за развојот на општеството.
Почитувани присутни, рековме дека сите реформи, посебно ваквите клучни реформи како што е поставувањето на образовниот систем, ќе ги правиме низ јавна дебата, во консултации со домашната стручна и меѓународна јавност и со сите засегнати во образовниот процес.
Заедно ќе создадеме образовен систем, што понатаму само ќе се надоградува, наместо постојано да се менува. Отворени сме за сугестии, веќе споделуваат со Владата свои ставови и мислења експертската јавност, професори, наставници, родители, ученици, студенти, граѓанските организации.
Од големо значење е и оваа Конференција во организација на УНИЦЕФ, за што се заблагодарувам од име на граѓаните на Македонија и од име на Владата, затоа што во следните денови ќе можеме да размениме искуства во областа на образованието со земјите од регионот и да слушнеме успешни образовни искуства од земји со коишто е слична Република Македонија, по повеќе карактеристики.
Гледаме успешни примери на успешни генерации ученици во Словенија, Финска, Естонија, Канада, Јапонија, Сингапур, мотивирани сме да создадеме квалитетен образовен систем и во Република Македонија. Затоа, Ви благодарам на сите кои придонесувате во овој многу значаен реформски процес.