Премиерот Заев на средба со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани: Европскиот Парламент го препознава напредокот на Република Македонија и останува силен поддржувач на нејзиниот процес за членство во ЕУ

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на највисоките институции во Брисел, денеска оствари средба со Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани.

На средбата, која се оствари веднаш по Молитвениот појадок во Европскиот Парламент, присуствуваа и членовите на владината делегација, Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Премиерот Заев упати благодарност за средбата и го искажа задоволството од континуирана поддршка за Република Македонија и за политиката за проширување што ја застапува мнозинтството во Европскиот парламент, што постојано се демонстрира преку различни извештаи, изјави и активности од страна на европарламентарците и политичките групи.

„Европскиот парламент беше првата институција на ЕУ која дејствуваше и понуди услуги за медијација кога во Македонија настапи политичката криза, и продолжува да биде еден од најсигурните партнери на Владата на Република Македонија, во интерес на земјата“, рече премиерот Заев, додавајќи дека во таа насока очекува да биде дочекана и најновата иницијатива на еден од европските пратеници, т.н. иницијатива Жан Моне.

Претседателот на Владата на Република Македонија го запозна Претседателот Тајани со главната цел на владата што ја предводи: Да се направи сè 2018 година да биде година на успех за Македонија, со донесување одлука за започнување на преговорите за пристап.

„Нашиот пристап во политиката, и во домашната, и во меѓународната политика, делува без скриени агенди и искрено ги решава сите прашања, без разлика колку се тие лесни или тешки. Драго ни е што нашата амбиција и подготвеност за вистински чекори во процесот на пристапување во ЕУ се совпаѓаат со обновениот импулс и интерес за проширување во ЕУ“, истакна премиерот Заев на средбата со Претседателот на Европскиот Парламент Тајани.

На средбата во Европскиот Парламент, премиерот Заев нагласи дека „сега е време да се искористат овие напори и во првата половина на 2018 година, Советот на ЕУ да усвои одлука за почеток на пристапните преговори, за која се очекува да пристигне од страна на Европската Комисија“.

 

 

Премиерот Заев нагласи дека од страна на Владата на РМ, постои јасна и неспорна посветеност и енергија за да се испорачаат резултати.

„Испораките на вистинските резулати од реформите како наш аргумент, се нашиот билет, без кој не можеме да побараме да очекуваме одлука за започнување на преговорите за пристап. Вложуваме напори за повторно воспоставување на Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели“, истакна премиерот Заев на оваа средба.

Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани искажа честитки за реформскиот процес што го отвори Република Македонија, и особено што тој веќе дава видливи резултатите.

Во негово, и во име на Европскиот Парлемент Претседателот Тајани изрази очекување дека во новата стратегија за проширување на ЕУ, што се очекува да биде објавена наскоро, ќе биде испратена јасна порака дека Република Македонија, и другите земји од Западен Балкан се во приоритетите на таа стратегија.

Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани ја искажа отворената поддршка на оваа институција за Република Македонија, најави интензивирање на соработката на Собранието на РМ, како и поддршка во мотивацијата на инвеститорите од ЕУ да посветат внимание на можностите за бизнис во Република Македонија.