Министерката Шекеринска го презентираше буџетот на одбраната – растат средствата за АРМ, се намалуваат непродуктивните расходи
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на прес-конференција ги презентираше ставките на новиот поголем буџет за одбраната за 2018 година.
Буџетот за одбраната за следната година, тежи 6,4 милијарди денари што претставува зголемување за 15%. Донесена е и политичка одлука какво темпо Македонија ќе се приближува до целта декларирана од земјите - членки на НАТО за издвојување на 2% од бруто-домашниот производ за одбраната.
На прес-конференцијата министерката Шекеринска истакна дека со овој предлог-буџет за 2018 година, државата после 8 години посветува вистинско внимание на Министерството и пред сè на Армијата на Република Македонија. Министерката рече дека сите во државата се свесни и согласни дека Армијата мора да го добие местото кое навистина и припаѓа, согласно нејзината уставна функција и согласно очекувањата од неа.
„Владата на Република Македонија и јас како министер се обврзавме дека ќе обезбедиме средства за зголемување на платите за сите оние кои се во служба на Армијата на Република Македонија во износ од 10%. Со предлогот кој што е испратен во Собранието на Република Македонија покажавме дека стоиме зад зборот и дека одлуката да се зголемат платите за целокупниот армиски состав е резултат на нашата политичка проценка дека е навистина неприфатливо Република Македонија да ги има најниските плати во Армијата, во регионот. Сметавме дека ова не е прашање на луксуз, не е прашање на привилегија, туку прашање на чест и на должност на Владата да и покаже на Армијата дека е тука и кога е потребна помош“, рече министерката и додаде дека дополнителните 254,6 милиони денари ќе бидат доволни за во целост да се исплати оваа обврска.
„Во армијата мора да ја зголемиме мотивираноста, мора да го спречиме сериозниот одлив кај професионалните војници, но и кај подофицерите и офицерите“, рече Шекеринска и истакна дека овој потег на зголемувањето на платите покажува дека работата на сите припадници на Армијата се цени, потег кој ќе влијае на функционалноста на армијата и подготвеноста за членство во НАТО.
Министерката најави дека во предвидените средства за плати обезбеден е и одреден износ со кој што ќе се подмлади и пополни бројноста на АРМ и најави дека во 2018 година планирано е да бидат примени нови 375 професионални војници и околу 50 офицери со што ќе се подобри процентот на пополнетоста на Армијата.
Во однос на другите ставки на буџетот за 2018 министерката се осврна на клучните зголемувања во буџетот како парите за поддршка на процесот за прием на Македонија во НАТО и парите за поправки и сервисирање на опремата, како и подобрувањето на условите за работа во армиските објекти.
Зголемување има и за набавка на чизми, униформи, резервни делови и опрема, како и за подобрување на борбената готовност на Армијата преку купување на нова опрема.
Министерката рече дека во 2018 година се намалуваат непродуктивните трошоци – трошоците за репрезентација, трошоците за службените патувања и школувања во странство, а ќе се прави и план за намалување на комуналните трошоци со заштеди на вода, струја и гориво.
„Буџетот за 2018 година најавува радикална промена на ставот кон одбраната и покажува дека Владата континуирано ќе вложува во стандардот, во условите и во опременоста на Армијата кое ќе продолжи сè до исполнување на НАТО очекувањата за издвојување на 2% од бруто-домашниот производ. Зголемувањето на буџетот е уште еден начин да покажеме дека сме многу сериозни во исполнување на нашата стратешка цел – членството во НАТО. Оваа цел е поврзана и со нашата намера да го забрзаме економскиот раст, да обезбедиме повеќе и подобри работни места со тоа што ќе дадеме политички аргумент на сите домашни и странски инвеститори дека Македонија е безбедна држава во која вреди да се инвестира“, заклучи министерката Шекеринска на прес-конференцијата.
Министерката одговараше и на прашања поврзани со статусот на професионалните војници по исполнување на старосната граница, за очекувањата од средбите на медијаторот Нимиц со преговарачите за спорот за името, за оставките на членови на Државната изборна комисија, за пополнувањето на испразнетото место министер за здравство и за шпекулациите за реконструкција на Владата, како и за тоа дали постои притисок од НАТО за набавка на оклопни транспортери.