Препораки на Интервентната акциска група за итните мерки против загадувањето на воздухот

На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска состанок одржа Интервентна акциска група за координација на информациите и активностите за итни мерки во борбата против загадувањето на воздухот, составена од претставници на Кабинетот на премиерот, Министерството за животна средина и просторно планирање и градот Скопје. 

Интервентната акциска група разговараше за итните мерки и активности кои произлегуваат од одлуката на 40-тата седница на Владата, и од уредбата за намалување на граничните вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции, која е донесена на 42-рата седница на Владата, и која стапува на сила денеска.

Согласно оваа Уредба од денеска, доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честичките е над прагот во текот на два, наместо досегашните 5 дена, е над 200 милиграми нa метар кубен, и доколку праговите се измерени на најмалку две мерни станици во градот Скопје, односно на 50% од бројот на поставени станици во било кое населено место, стапуваат на сила следните мерки:

 

Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство се должни да:

- Ги ослободуваат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хрoнична астма, лицата со прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста

- Го реорганизираат работното време, лицата на отворено да работат од 11 до 17 часот

- Ја спроведуваат забраната за одржување спортски натпревари и други манифестации на отворено

- Обезбедат услови за зголемени активности на службата за брза помош, домашната посета и патронажната служба

 

Единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат следните мерки и активности: 

- Намалување на цената на билетот на градскиот превоз во период на неповолни климатски услови, што би било поттик за граѓаните за користење на јавниот градски превоз

- Бесплатен јавен превоз

- Зголемена фреквенција на автобуси на ЈСП на сите дестинации

- Дневно чистење на улиците и пешачките површини

- Да ги зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла

- Обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18:00 часот

- Да издаваат одобренијата за дотур на роба во забранети зони за сообраќај со важност до 7:30 часот наутро 

 

Градежните компании имаат обврска:

- Да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.)

- Имаат обврска градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро

 

Државниот инспекторат за животна средина:

- Да го следи ограничувањето на емисиите од Б-ИСКЗ, односно Б-Интегрирани еколошки дозволи, и помалите инсталации (Малите стопански капацитети)

- Да ја зачести контролата на инсталациите кои што поседуваат А–ИСКЗ дозвола; Да се спроведат контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во дозволата по однос на емисиите во воздух, и истите ќе добијат и препорака да го намалат производството за 50%

 

Министерството за внатрешни работи да ја активира и да ја спроведе:

- Одлуката и контролата на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата)

 

Владата на Република Македонија:

- Ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на ЕЛС да ја ограничат (до 50%) употребата на службените возила

- Да обезбеди ограничување на работите на објектите каде што се гради

Владата исто така ја разгледува можноста за интервентна набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, маски со филтри за прочистување, како и за набавка на прочистувачи за воздух за училиштата, здравствените центри и градинките.