Премиерот Заев во посета на откупни пунктови за тутун: Обезбедивме навремена субвенција за достоинствен приход на тутунопроизводителите

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, советничката за земјоделство, шумaрство и водостопанство, Ленче Николовска и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, денеска посетија откупни пунктови за тутун Сокотаб во Кривогаштани и во Тутунскиот комбинат во Прилеп.

Премиерот Заев се сретна и разговараше со присутните тутунопроизводители и откупувачи и заеднички беше констатирано дека откупот се одвива солидно, без потешкотии и проблеми и беа нотирани позитивните ефекти од повисоката просечна откупна цена на тутунот, како резултат на дополнителната субвенција за тутунот.

По обиколката на откупниот пункт во Тутунски комбинат Прилеп, во изјавата за медиумите, премиерот Заев истакна:

„Сакам да го споделам тоа што го разговаравме со граѓаните. Ова е убава година за тутунопроизводителите заради тоа што има добар квалитет на тутунот. Просечната цена која што се постигнува до сега е 209.5 денари. Заедно со субвенцијата која што е обврска на владата и која што ќе се исплати во предвидениот рок, се добива просек од 269 денари. Тоа се 4,4 евра, за кои што можеме да кажеме дека се достоинствени приходи“ изјави премиерот Заев.

Премиерот Заев оцени дека трендот на покачување на откупната цена е задоволителен и дека во споредба со минатото, ова е позитивен исчекор.

„Мене ми е важно заедно со владата да продолжиме во трендот на продуцирање на зголемување на побарувачката за тутунот. Тоа значи дека мора да отвориме нови перспективи за Тутунскиот комбинат. Тутунскиот комбинат ќе има своја иднина преку тоа што ќе се отворат постапките за негова трајна трансформација каде што ќе ги зголемиме и количините за откуп, но и количините на финалниот производ. Драго ми е што влегуваат нови компании како откупувачи. Фирмата Мисиријан од Грција е веќе нов склучувач на договори кои што ќе почнат од март“, истакна премиерот.

Во таа насока премиерот Заев дополни дека зголемениот број на откупувачи ќе продуцира зголемена побарувачка и ќе влијае позитивно на покачување на цената.

„Драго ми е што откупот се одвива организирано и контролирано. Нема незадоволни луѓе и лоши чувства како што сме знаеле да видиме низ годините. Се надевам дека сите заедно како чинители во општеството ќе продолжиме да бидеме фокусирани на оваа дејност заради тоа што 30.000 семејства живеат од тутунот. Тоа се повеќе од 100.000 граѓани", посочи премиерот Заев.

Во однос на следните чекори што Владата ќе ги преземе во новата 2018 година во оваа област тој посочи дека се работи на изменување и дополнување на законот, што ќе значи воведување на раст на субвенциите односно мотивирачкиот ефект што субвенциите треба да го постигнат.

„Знаете дека со промените на законот коишто оваа година ќе се донесат, а ќе важат за новата сеидба и сезона, и она што идната година ќе се предава на откупните пунктови, откупната цена на тутунот ќе биде 80 денари субвенции за прва класа и 70 денари за втора класа. За третата класа и другите останува 60 денари. Ова е дополнителна мотивација за тутунопроизводителите да произведуваат што е можно поквалитетен тутун знаејќи дека ќе земат повеќе субвенции", истакна премиерот.

Премиерот Заев на крајот од својата изјава порача дека владата продолжува да ја поддржува оваа гранка со цел да се создаваат услови за нејзина поголема профитабилност, што ќе придонесе младите луѓе да останат да работат и живеат во Македонија од земјоделска дејност.

За време на оваа посета, премиерот Заев оствари средби и со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски и градоначалникот на општина Кривогаштани, Рубин Шефтероски и се задржа во кус разговор за функционирањето на општините.

Премиерот Заев за време на посетата на во Прилеп и Кривогаштани одговараше на повеќе прашања од интерес на медиумите: Новиот министер за здравство е добар познавач на здравствениот систем и има идеи за решенија; Прашањето за спорот со Грција ќе се решава најтранспарентно; Се подготвуваат закони за зајакнување на локалните самоуправи;

Медиуми: Како ќе го коментирате сомнежот на Зијадин Села дека зад именувањето на Филипче стои бизнис договор за Клинички помеѓу СДСМ и ДУИ?

Премиерот Заев: Јас само ќе апелирам за трезвеност на политичарите кои веројатно се наоѓаат во незгодна ситуација. Јас сакам да соработувам со сите политички партии, со сите политичари. Д-р Филипче е навистина докажан неврохирург, еден од најдокажаните во Македонија и генерално како лекар. Млад човек кој што ги знае сите детали во нашето здравство, заедно со сите институции во здравството, заедно со мене како премиер и другите министри пред сè од економските ресори, имаме сериозна агенда која што ќе значи унапредување на квалитетот на здравството во Република Македонија, зголемување на платата н медицинскиот персонал и на специјалистите, но и обезбедување на инструментариуми за севкупното работење во здравството.

Знаете дека врв на приоритетите на граѓаните е здравството, и навистина вакви инсинуации, или би ги нарекол глупости, навистина треба да бидат далеку. Верувам дека сите сме со позитивна мисла да донесеме нов квалитатив кој на крајот на денот ќе го почувствуваат граѓаните.

Јас сум убеден, дека министерството на чело со доктор Венко Филипче ќе покаже одлични резултати кои што ќе ги почувствуваат сите граѓани во Македонија.

Медиуми: Села рече дека ќе излезе од владата по донесувањето на законот за јазиците, и вели дека не станува збор за пополнување места во владата туку за реконструкција.

Премиерот Заев: Едноставно се пополнуваат испразнети места. Знаете како? Тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари, сегашен градоначалник на Гостивар, ниту извести за намерата, ниту разговараше за намерата, едноставно објави дека одлучил да се кандидира за градоначалник на Гостивар.

Слободата на избор секако е право на секој граѓанин, но таа слобода на избор без да разговараме доведе до тоа да денеска еве, министерството за здравство по дифолт да не следува на ниедна политичка партија, по дифолт не следува ниту на СДСМ, а не па на било која од другите помали партии.

Знаете дека секогаш при составување на влада императив е квалитетот на кадрите кои што се нудат.

Секогаш постои дебата, и од квалитетниот постои поквалитетен, но секогаш треба да се водиме од она што значи одговорност пред граѓаните.

Се работи за сериозни институции. Министерството за здравство, е едно од најважните институции во државата, поради тоа што допира буквално до сите семејства во Република Македонија, и оттука многу е логично не давањето поддршка кое што Алијансата го направи за д-р Венко Филипче. Тие со тоа најавија дека заминуваат од Владата, јас останувам со намерата дека ќе можеме да останеме да соработуваме за она што значи реформи, законот за јазици, ратификацијата на договорот со Бугарија, двотретинските закони кои што доаѓаат во Македонија, одговорноста за унапредување на севкупниот квалитет на живот во Македонија е на сите.

Како ќе се однесуваме одговорно, така и граѓаните ќе не ценат на следните избори.

Медиуми: Кога го спомнавте решавањето на спорот за името, се оградувате ли акко премиер од изјавите на вицепремиерот Анѓушев?

Премиерот Заев: Вицепремиерот Анѓушев е повикан од коморите како економски министер , буквално практичар да биде вграден овде и да помага на економските прашања.

Јас сум демократ и ги почитувам буквално сите размислувања, сите дебати. Ние немаме навлезено во суштина на разговори со Грција, се надевам дека ќе навлеземе во суштината со конечно решение на овој проблем кој што Грција го има со нашето уставно име. Веројатно варијаблите кои што се дискутираат насекаде по јавноста, си дозволил вицепремиерот Анѓушев да ги коментира отворено. Треба да знаат граѓаните дека ќе бидеме транспарентни во процесот, но досега она што е разговарано во посредништво на Метју Нимиц, е решителноста на двете страни да навлезат во решавање на проблемот со името кој што го има Грција, а јас верувам дека ќе се изнајде решение буквално на сите нивоа. Пред сè помеѓу министрите за надворешни работи, помеѓу нас премиерите. 2018, првото полугодие, е навистина одличен период да најдеме решение на овој проблем, и Македонија да исчекори напред. Да добиеме датум за преговори и да ја официјализираме автоматската покана на НАТО за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Медиуми: Вчерашниот избор на јавен обвинител покажа дека имате тенко нестабилно мнозинство во собранието. Како ќе се справите со тој проблем? Дали тоа ќе и пречи на Владата?

Премиерот Заев: Тоа е здраво за Македонија. Не ни требаат нови диктатори или некој кој што апсолутно владее во државата. Тенкото мнозинство беше потврдено и при формирањето на Владата. Тоа мнозинство и сега се држи на некои 61-65 пратеници, во зависност од нивната определба, во зависност од точката на дневен ред и слично, но на крај на ден тоа е демократија.

Јас сум растеретен човек. Мнозинството додека постои и владата постои. Кога ќе нема мнозинство секако се прегрупираат политичарите и политичките партии во ново мнозинство, ако не се оформи – избори не ни бегаат.

Она што е важно за бизнисмените, за граѓаните е да знаат дека јас како мандатор, како премиер, и како предводник на најголемата владејачка политичка партија, не планирам 2018 да има избори. 2018 е година во која што треба да одработиме, да почувствуваат граѓаните, ние ветивме живот за сите. Животот се појавува, го чувствуваат граѓаните, слободата е насекаде, но мораме економските параметри да ги дигнеме. Секое семејство да почувствува економски квалитет на живот, поради тоа што тоа се и со право очекувања на сите граѓани на Македонија.

2019 е следниот период на избори, тоа се претседателските избори. До тогаш навистина треба сите да се посветиме без разлика дали сме власт или опозиција да одработиме за граѓаните.

Медиуми: Дали ќе се менува законот за јавни претпријатија во делот на избор на директори, и дали сте во тек со изборот на кандидатите кои што се вршат по општините, со оглед на тоа дека пред изборите рековте транспарентност на општините, и дали имате контрола врз поставените кадри и тие што ќе се поставуваат по јавните претпријатија, велам вклучително во Прилеп ?

Премиерот Заев: Еве вака. Јас сум со искуство, долги години градоначалник, и ја знам одговорноста и на градоначалникот и на советниците во советот на општините. Градоначалниците од редовите на Социјалдемократскиот сојуз не известуваат нас како раководство, но како влада апсолутно немаат ниту обврска ниту потреба од таа работа.

Како лидер на партија, да, ги следам информациите, знам дека се сака да се преземе управувањето и одговорноста поради тоа што е пренесена од граѓаните, сакаат да покажат резултат, правото на поставување на ВД е законско право. Очекувам веднаш се организираат постапките по пат на јавни конкурси, на транспарентен начин да кандидираат кандидати кои што согласно законските услови, би ги исполнувале за да можат да преземат и тие лично одговорност.

Законот за административни службеници е веќе во Собрание, и тој е веќе на дебата. Јас верувам дека до крајот на годината ќе се отвори. Овде за дел од критериумите се прават промени. Се прават промени посебно на оние сертификати кои што треба секој да ги обезбеди, а навистина не се неопходни.

Ако се работи за позицијата, застапник на Македонија пред судот за човекови права, да, 100% треба да знае англиски јазик и да го има сертификатот за англиски јазик. Но, јас сум убеден дека тоа треба да постои и за сите институции. Таму каде што тоа е потребно е потребно.

За деталите ќе ги прашате надлежните министерства. Законот го носиме во една транспарентна постапка. Вклучени се буквално сите синдикати внатре. Вклучени се коморите, за сите решенија кои што се предлагаат по законот. Сè што правиме - правиме да го унапредиме квалитетот на законодавството кое што ќе даде функционалност на сите институции во Република Македонија. Без разлика дали се државни или локални.

Најавувам промена на законот за јавни комунални претпријатија, на законот за комунални дејности, на законот за локална самоуправа, на законот за отпад, поради решавање на депониите во Република Македонија, тоа ќе премине во надлежност на министерството за екологија, за конечно да ги решиме депониите во државата.