Претседателот Иванов останува заробен во делбите во време кога Македонија е свртена кон обезбедување благосостојба на своите граѓани
Владата на Република Македонија од првиот ден од својот мандат, и постојано во текот на овие шест месеци, повикува на обединување околу стратешките интереси на Република Македонија, како и во име на интересите на сите граѓани, без исклучок.
Во годината кога граѓаните на Република Македонија покажаа исклучителна политичка зрелост и демократска одговорност, првенственото нивно очекување од политичките елити и лидери е тие да се издигнат над партиските бои и да исчекорат одважно од една политичка доктрина на делби, кон јасни политики за обединување.
Прв кој требаше ова очекување на граѓаните да го препознае како вредносна порака, требаше да биде Претседателот на државата. Но, наместо да настапи државнички, денеска Ѓорѓе Иванов кон граѓаните упати пораки кои повикуваат на натамошни делби и кои дополнително се спротивставуваат на концептите за градење на едно, единствено и заедничко општество.
Наместо општество на заедништво и на обединување во еден историски и клучен момент за Република Македонија, нејзиниот претседател се обиде да го доведе во прашање дигнитетот на институциите на системот со тоа што владеењето на правото и принципот на одговорност на сите без исклучок, пред правдата, го изедначи со реваншизам.
Владата на Република Македонија, доследна на јасниот повик за отворена соработка, во период кога сите политички субјекти и секој политички лидер се повикани да го препознаат моментот што ќе ја одвои нашата земја од изолацијата, ќе продолжи уште посилно да дејствува за стратешки интереси на државата – просперитетна земја за граѓаните и земја членка на ЕУ и НАТО.
Владата на Република Македонија се определи да направи сè пред Европа и светот да покаже дека Република Македонија е земја на граѓани и политички лидери кои имаат сериозен демократски капацитет, земја која ги оставила делбите и минатото зад себе и која е свртена кон обезбедување благосостојба на своите граѓани.