Министерот Филипче: Ќе ја намалиме смртноста на бебињата од 11.9 на 5.2 промили во период од 2 години
Прес-конференција,
Министер за здравство во Владата на Република Македонија, Венко Филипче,
04.02.2018 година
Почитувани претставници на медиумите, почитувани гости
Заштитата и унапредувањето на здравјето на граѓаните на Република Македонија мора да почне непосредно од раѓањето на една индивидуа. Оттука, ве уверувам дека ќе работиме напорно за да ставиме крај на црната статистика и да ја сведеме на минимум смртноста на новороденчињата и на родилките во земјава. Во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА, подготвивме пакет на мерки кои, силно веруваме дека ќе придонесат за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките. Со нив ќе се подобри и целокупната грижа за мајките и нивните бебиња додека се во болница.
Според Светската здравствена организација смртноста на родилките е последица на делумната неодговорност на трудниците. Но, пред се таа се должи на недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките во здравствените установи. Кога станува збор пак, за смртноста на новороденчињата, сакам да потенцирам дека таа во голема мера е последица на несоодветната грижа на мајката за своето здравје додека е бремена. Имено, сите податоци укажуваат на фактот дека најголем процент од починатите бебиња се родени предвреме. Малата родилна тежина, но и екстремна незрелост на виталните органи - белите дробови, црниот дроб и нервниот систем, доведуваат до фатален исход. А предвременото породување, од друга страна, е последица на инфекции кај мајката во уринарниот тракт или на репродуктивните органи. Затоа апелирам до идните мајки да бидат поодговорни и редовно и без исклучок да одат на гинеколошки прегледи.
За да бидам појасен, ќе ви презентирам дел од мерките во зависност од роковите во кои треба истите да се спроведат.
Во делот на краткорочни, односно мерки кои ќе ги имплементираме во период од 3 месеци, се вбројуваат:
Ревидирање на упатството базирано на докази за постапување при пост – породилно крварење. Имено, во моментов нема упатство за унифициран третман при вакви живото – загрозувачки ситуации. А крварењето при породувањето се смета за една од најчестите причини за смртност на мајките. По ова упатство, ќе постапуваат сите здравствени установи каде се изведуваат породувања.
Во оваа насока, подготвивме и упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето. Но исто така и упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта. Овие компликации се главните причини за смртност кај родилките, а во Република Македонија недостигаат клинички упатства за постапување во вакви живото - загрозувачки ситуации.
Ги ревидиравме и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња.
Понатаму, со усвојување на стандардите за гинеколошките ординации на примарно и секундарно нивно, како и за родилишта во болниците и во клиниките, ќе гарантираме дека жените и мајките ќе добиваат квалитетни здравствени услуги. Со тоа и клиничките болници во Тетово, Штип или Битола ќе нудат подеднакво квалитетни услуги како клиниката за Гинекологија во Скопје. Поради недостиг на кадар или недоволна обука на истиот, или поради нецелосно дефиниран систем на упатување, сите пациенти оттаму се препраќаа во Скопје, со што клиниката беше преоптоварена. Како илустрација во Гинеколошко – акушерската клиника во Скопје годишно е предвидено да има од 3500- 4000 породувања, но се изведуваат по околу 6 илјади. Знаете дека до неодамна, односно пред набавката на дополнителни 16 инкубатори, на интензивна нега во еден инкубатор лежеа по 2 бебиња.
Исто така, во Република Македонија недостига методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата. Дел од мерките е и изработка на ваква методологија, по теркот на Светската здравствена организација.
Неопходно беше и прецизно да се дефинираат нивоата на услуги и во согласност со тоа, трудниците да се упатуваат во најблиската или во установата каде ќе добијат соодветна здравствена услуга, за многу пократко време. Со тоа родилките навремено ќе бидат згрижени, а во исто време ќе се растоварат родилиштата од терциерно ниво. Паралелно на ова, за родилиштата на секундарно ниво ќе набавиме и соодветна опрема која недостасува таму.
Понатаму, во секое време во родилиштата мора да има достапни живото- спасувачките лекови за мајките и новороденчињата, согласно листата на Светската здравствена установа и фондот за население на Обединетите Нации. Утврдивме дека дел од ваквите лекови не се регистрирани во Македонија, а и тие што се, не секогаш се достапни во родилиштата.
Во првите 3 месеци, исто така, ќе спроведеме обуки на обучувачи за ефикасна грижа на штотуку родените бебиња, согласно препораките на Светската здравствена организација, од страна на врвни експерти на СЗО и УНФПА.
Ќе бидат обучени и професионалци за примена на методологијата на СЗО за ревизија на мајчината смртност и сериозни компликации врзани со бременоста, породувањето и периодот по тоа, базиран на принципи на доверливост и професионалност.
Во овој период ќе изработиме и план, протоколи и мониторинг рамка за воведување на мобилни гинеколошко акушерски услуги за ранливите категории на граѓани. На овој начин ќе го следиме здравјето на бебињата чии родители не се во можност редовно да ги носат кај својот педијатар. Исто така редовно ќе се спроведува вакцинацијата, но и ќе вршиме скрининг за рак на грлото на матката. Недоволната достапност и пристапност до услугите за сексуално и репродуктивно здравје е состојба која покрај со краткорочни, мора да се решава и со долгорочни мерки.
Последна, но не и помалку важна мерка која ќе се реализира за кратко време е јасно дефинирање на систем и установи кои ќе ги прибираат потребните податоци од областа на репродуктивното здравје.
Да напоменам дека за реализација на дел од овие мерки ќе биде потребен период и подолг од 3 месеци.
На подолг рок, односно во следните 6 месеци ќе спроведеме обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, како и неонатолошки обуки на педијатрите на секундарно ниво, согласно препораките на СЗО. Поради недостиг на педијатри во неонатолошките и педијатриски одделенија, во следните 6 месеци ќе вработиме доктори кои или се на крај со својата специјализација или кои веќе специјализирале во овие области.
Во следните 12 месеци ќе ги акредитираме најголемите родилишта во земјава, односно Гинеколошко – акушерската клиника во Скопје, болницата во Чаир, како и трите клинички болници во Тетово, Битола и во Штип. Но, според стандарди за родилишта, а не според општи болнички стандарди.
Утврдивме дека во овие пет здравствени установи се случуваат околу 60% од породувањата, иако во Република Македонија има вкупно 26 родилишта.
Во текот на годинава ќе го воспоставиме и интегрираниот информативен систем со кој ќе ги поврземе сите здравствени установи. Односно на едно место ќе се слеваат податоците од сите установи. Да потсетам дека оваа мерка ја најавив, а почнавме и веќе да ја имплементираме.
Исто така, сметам дека крајно неопходно е да работиме и на подигнување на јавната свест. Преку кампањи, промотивни материјали и предавања, идните мајки ќе можат да ги препознаат и да знаат да се справат со ризиците во текот на бременоста. За жал, мора да констатирам дека свеста кај дел од жените, е на многу ниско ниво. Исто така, за жал, одењето на гинеколог, на редовни прегледи за некои жени и натаму е табу тема.
Сите мерки кои ви ги презентирав се базираат на принципите за почитување на човековите права, како и на основниот принцип на целите за одржлив развој на Обединетите Нации - „никој да не биде изоставен“. Истите ги создадовме заедно со стручните здруженија, експерти од областа, како и претставници од невладиниот сектор.
На крајот, според податоците на Државниот завод за статистика во 2016-та година, од 1000 живородени, починале 11,9 бебиња не постари од 1 година. За споредба - европскиот просек е повеќе од двојно помал, односно 5,2%. Ова е целта која сакаме да ја постигнеме за период од најмногу две години.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Кажавте бремените жени да одат редовно на гинеколог, и кажавте дека тоа е се уште табу тема. Податоците велат дека во 40 од 80 општини жените немаат матичен гинеколог, а други 25 немаат доволно кадар. Дали ќе направите нешто во оваа насока да се подобри оваа ситуација?
Министерот Филипче: Она што сакаме да направиме е да ја утврдиме мрежата и тие жени што немаат гинеколог од својата општина, да утврдиме каде ќе одат. Но истовремено работиме на етаблирање на мобилни гинеколошки тимови, значи тимови што ќе ги посетуваат жените, а и родилките после раѓање кои ќе ја пружаат негата и едукацијата таму каде што немаат матичен гинеколог. Тоа е влезено исто така во овој проект.
Медиуми: Во однос на црните статистики што ги споменавте. Колку од новороденчињата починале минатата година, а колку оваа?
Министерот Филипче: Од податоците што ги имам за 2016 година од Државниот завод за статистика, 11,9 бебиња на 1000 живородени. Значи дупло повеќе од европскиот просек.
Медиуми: Дали Министерството има некое решение за недостатокот на гинеколог во овие општини?
Министерот Филипче: Долгорочно решение секако е едукација на младите кадри, значи ние сега планираме приеми, а со цел да специјализираат. Секако дека ќе биде направена и мапа, насекаде низ општините во земјата.
Медиуми: Спомнавте животоспасувачки лекови во родилиштата. Што покажува статистиката, колку од установите каде се раѓаат бебиња имаат од овие лекови? И второ прашање околу вчерашниот инцидент на Клиниката за гинекологија. Министерството и Клиниката излегоа со став дека инцидент бил направен од страна на родителот и за тоа ќе се поднесе пријава до МВР. Но дали на родителот му било дадено бебе со погрешно презиме и дали има проблем во евиденцијата имајќи предвид дека пред една недела имаше случај на замена на бебиња што го потврди самата клиника?
Министерот Филипче: Во однос на лековите, ние утврдивме кои лекови се во недостаток и инициравме постапка со која тие лекови веќе се на пат и веќе во тек на следната недела од утре ќе пристигнат во институциите каде што е потребно.
Во однос на вчерашната случка после консултацијата со директорката на гинеколошката клиника, утврдивме дека станува збор за недоразбирање помеѓу семејството на бебето и медицинскиот персонал кое после прераснало во кавга. Не постои апсолутно никаква ситуација во која што бебе недостига, или било заменето. Бебињата во таа возраст се идентификувани со бројчиња а не со имиња, и сето тоа било како што треба. Значи нема проблем со евиденција, туку биле прешкртани неколку букви во презимето.
Медиуми: Како министер и како доктор кој е вашиот став во врска со изградбата на новиот Клинички центар Мајка Тереза?
Министерот Филипче: Ние се уште ги евалуираме сите информации во однос на Клиничкиот центар кои што ги добивме за време на презентацијата од страна на Банката за развој на Советот на Европа, и за многу кратко време ќе донесеме одлука дали таа изградба ќе продолжи кај што е предвидено или целосно ќе се дислоцира клиничкиот центар.
Медиуми: Дали младите специјализанти почнаа да примаат плата и што со проблемот дека до крајот на годинава двеста доктори ќе се пензионираат, дали ќе се примаат нови?
Министерот Филипче: Постапката е во тек на планирање, врз основа на потребите на институциите, и таа наскоро ќе биде завршена и ние ќе ги објавиме и државните специјализации. Во однос на приватните специјализанти на кои што им ветивме дека ќе им биде платена работата, а тие ќе продолжат приватно да специјализираат и понатаму, ќе почнат да се исплаќаат од март месец годинава.
Медиуми: Дали се размислува за покачување на платите посебно во ситуација кога голем дел од лекарскиот тим веќе заминуваат во странство? Тоа претставува причина и за мито и корупција, па кои мерки ги преземате за спречување?
Министерот Филипче: Во однос на платите планирано е покачување од 5% почнувајќи од втората половина на годинава, а со ребалансот на буџетот и повеќе. Тоа ќе важи за медиицнските лица веќе од годинава.
Во однос на корупцијата, знаете се уште размислуваме за ревидирање на Законот и на начинот кој што ќе дозволи дополнителна работа. Јас сум прилично сигурен дека тоа до некаде ќе ја намали истата, а доколку знаете за некој конкретен случај јас ве охрабрувам да го пријавите.
Медиуми: Околу починатата родилка од Кичево. Што е со анестезиологот?
Мининстерот Филипче: Анестезиологот во моментот е суспендиран, а според најавите на комисијата во тек на неделата (на крај на неделата) ќе биде готова и нивната работа, со оглед дека се чека извештајот од Институтот за судска медицина.
Министерот апелираше во врска со вчерашниот случај на гинекологија, пред да се објави сензационалистичка вест, да се консултира менаџментот на клиниката и службата од Министерството, или него лично бидејќи е достапен во било кое време. Една таква сериозна информација која што излезе дека не е ниту блиску до вистината, ја нарушува вербата во нашиот здравствен систем и сериозно ги инхибира и ги обесхрабрува и влијае на ентузијазмот на нашите здравствени работници кои што пожртвувано и чесно 24 часа си ја вршат својата работа.