Премиерот Заев: Ние сме сервис на граѓаните, апелирам за максимално посветување на нивниот интерес

 

Интегрален текст од одговори на прашања на премиерот Зоран Заев.

 

П1: Рековте ниту знаат ниту пак се трудат, кои се тие функционери и зошто да се чека 10 месеци за нивна реконструкција?

 

Знаете дека постапката на охрабрување и мотивација е нешто кое треба да тече со чекори. Јас ја испратив пораката за да може некој и да се поправи. Апсолутно ако некој заслужува смена веднаш тоа се прави. Без разлика дали е од пониските ешалони или од повисоките. Очекуваме секако да се случуваат и реконструкции и промени во соодветни временски периоди кога се прават рекапитулари од секој можен аспект. Огромен е бројот на луѓе во Владата кои и знаат и се трудат. Исто така голем е бројот на луѓе во Владата кои што многу се трудат, а не знаат, но се трудат и да научат. Има еден дел кои што ниту знаат ниту се трудат.

Јас апелирам до сите. Ние сме сервис на граѓаните, поради тоа сме поставени, да се посветиме максимално на потребите на граѓаните. Ова кое што го имаме добиено од нив е чест и одговорност,  која што нема секој можност да ја добие.

Од тој аспект навистина апелирам до сите, за навистина максимално и посветено извршување на своите задачи.

 

П2: Дефинитивно размислувате за реконструкција на владиниот кабинет?

 

-  Да прво ќе има реконструкција затоа што пред сè ќе расте бројот на пратеници во пратеничката група. Разговараме со дополнителни пратеници. Мислам дека треба да овозможиме стабилизирање на парламентот, од повеќе аспекти, јас се надевам дека и опозицијата ќе се врати брзо во парламентот, но и вкупниот број на пратеници од парламентарното мнозинство би требало да биде посоодветен, за да може да нема вакви прекини на седниците, паузи, собирање на пратениците или слично. Верувам дека ќе успееме со тоа, а поради тоа ќе се случи секако и реконструкција. 

 

П3: Што очекувате по посетата од Јункер?

 

- Јас уште еднаш очекувам охрабрување дадено преку стратегијата која што претседателот Јункер ја објави. За нас тоа охрабрување, значи сериозна мотивација, да ги дозавршиме реформите согласно плановите 3-6-9, да ги продолжиме сите оние процеси на унапредување на севкупниот квалитет на животот на граѓаните, поради тоа што сме убедени дека Европа ќе ни даде датум за преговори само ако заслужуваме или ќе станеме членка на ЕУ само тогаш кога нашиот стандард на граѓаните ќе биде веќе приближно еднаков на стандардите на граѓаните на ЕУ. Очекувам охрабрување кое што за нас значи прецизирање кога отприлика ќе ја добиеме неусловената препорака, но истовремено охрабрување дека во јуни е возможно да имаме датум за отпочнување на преговори, а со тоа и отворање на дополнителни европски фондови за Република Македонија.

 

П4: Како ја коментирате изјавата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи?

 

- Веројатно солидарноста којашто е изградена во Западен Балкан помеѓу 6-те земји членки, а тоа е да бидеме сите заедно секогаш, било причината потпретседателот на Владата  да даде таква изјава. Прво не знам зошто Косово не било покането, веројатно Босна и Херцеговина го нема признато па го нема покането, но знаете дека целиот овој период, сите земји од Западен Балкан, сите сме заедно, без разлика кој до која фаза од напредокот кон ЕУ е дојден.

Црна Гора и Србија итаат напред во преговарачките процеси, тие преговараат поглавје по поглавје, Македонија и Албанија чекаат датум за преговори, а Косово и Босна и Херцеговина се поназад.

Веројатно ако би била изземена и Црна Гора би требало вака солидарно да се поставиме, поради тоа што ако некој од партнерите од 6-те земји не е поканет, не знам што ќе бараат останатите пет.

Но истовремено не можам да потврдам дека е соодветно дадена изјавата од господинот Бујар Османи, поради тоа што без ваквото објаснување кое што сега го давам испраќа грешна порака.

За нас сите се партнери, подеднакво целиот регион сакаме да оди напред, знаеме дека градиме добрососедски односи со сите, и мораме дури и при давањето на изјавата да внимаваме на нашиот одек и однос со нашите соседи но и внатре во државата.

 

 

П5: Премиере, пред земјоделците најавивте социјална пензија, но еве земјоделците сигурно ги интересира дали ќе има покажување на границата за одење во пензија?

 

- Не. За сега не размислуваме да ги зголемуваме годините на старост, или нешто друго, поради прашања кои што се познати во јавноста, а тоа е дека мораме да го стабилизираме пензискиот фонд. Државата од буџетот дава 500  милиони евра, за да може пензионерите да земат пензија.

Додека не го стабилизираме пензискиот фонд, а тоа да значи дека нема да има бојазност односно страв, дека нема да има пензии, иако тоа сега е отстрането комплетно, кога работниците преку плаќањето на придонесите ќе го полнат пензискиот фонд, тогаш ќе можеме да размислуваме за било какво менување, но на надолна граница. Ние сме социјалдемократи, сакаме да го вратиме стажот, сакаме да ги намалиме годините за пензионирање, поради тоа што на тој начин веруваме дека ќе отвориме повеќе работни места, но истовремено ќе го почитуваме работникот како работник .

 

П6: Уште едно локално прашање. Веќе два месеци Радовиш нема нотар, повторно во интерес на земјоделците,  за заверување на обичен договор сега околу евидентните листови тие мора да патуваат за Струмица?

 

- Слушнав пред неколку денови, информиран сум од градоначалниците и од пратеничката за ова прашање, денеска ова прашање исто ми беше поставено од граѓаните. Уште во понеделник, директно ќе иницирам пред министерството за правда, да се отпочне постапката да се избере нотар, а слушнав и во некои други градови поради пензионирање, или е намален бројот на нотари, или еве на пример, Радовиш е оставен без нотар, тоа значи дека граѓаните не можат да ги извршуваат своите секојдневни граѓански постапки.

 

П7: Фокус неодамна објави дека сте биле мета на убиство. Дали имате било какви сознанија дали лицата осомничени се приведени, имате ли било какви информации за тоа што го објави Фокус? Поврзано лично со вас како оној крвав четврток.

 

- За деталите верувам дека правосудните органи ќе дадат соодветно соопштение, или информирање во соодветен временски период, како се одвиваат судските постапки, мислам пред се на судиите и јавните обвинители. Јас знам дека човекот којшто ја добил таа задача е во притвор.