Влада на Република Македонија: Надминати проблемите на АД 11 Октомври Еурокомпозит
Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, одржа средба со претставници на синдикатот на АД 11 Октомври Еурокомпозит и со претставници на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, на која беше разгледана состојбата на компанијата во насока на надминување и трајно решавање на проблемите.
Согласно информациите од оваа средба, Владата на Република Македонија на денешната седница усвои заклучоци за надминување на состојбите во Друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври Еурокомпозит. За таа цел владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ја продолжи реализацијата на договорот со АД 11 Октомври Еурокомпозит за изработка на производи за потребите на ова министерство, како и да ја разгледа можноста за набавка за нови производи од програмата на оваа компанија.
Владата, исто така, го задолжи Министерството за внатрешни работи да изврши репрограмирање на обврските кон Еурокомпозит и да изврши авансна исплата на обврските предвидени со Договорот за изработка на производи наменети за потребите на министерството со цел да се обезбедат финансиски средства за исплата на надоместок на вработените.
Во насока на трајно решавање на проблемите во оваа фабрика за производство на производи со посебна намена, Владата на Република Македонија презема обврска да обезбеди финансиски средства за изработка на финансиска и правна анализа за компанијата и да разгледа мерки и можни решенија за изработка на стратегија и план на активности за системско решавање на состојбите во АД 11 Октомври Еурокомпозит со цел конечно решавање на наталожените проблеми во изминативе години.