Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 58-ма седница

На 58-мата седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за степен на изграденост на рударскиот комплекс „Казандол“ и го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот „Казандол“, кој ги опфаќа општините Валандово, Богданци и Дојран, и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20.7.2015 година.

 

Владата денеска го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија

Основна цел на Законот е внесување мерливи квалитативни и квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот на секои две години. Воедно се внимаваше на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето. Истовремено се интервенира и во однос на одребите за член на Совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот и слично.

Со измените што се предлагаат се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот. Истовремено се направени и вградување на препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судски совет на Република Македонија, во однос на транспарентното работење на Советот. Се внесуваат и измените предвидени согласно Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

 

Владата го разгледа и утврди Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, чие донесување произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем, стратегиската цел на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Двата предлог-закони, за Судскиот совет и за судовите, ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија на натамошна постапка за усвојување.

 

На усвојување во Собранието на РМ, владата денеска го пушти ново усогласениот текст на Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Македонија. Овој закон претставува своевидна шема за поддршка согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош за инвестициите.

Целта на овој закон е поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и вработувањето, а мерките од законот освен странските, ги опфаќаат и дијаспората, како и домашните компании.

 

Министерство за труд и социјална политика предложи, а владата ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година.

Со оваа програма се утврдуваат корисниците, мерките, носителите, извршителите и обезбедените средства за персоналната асистенција на лица со попреченост со цел да се придонесе за нивното независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Мерките од Програмата ќе им помогнат на лицата со попреченост во извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, за учество во образованието и на пазарот на трудот и други активности, кои лице без попреченост вообичаено би ги извршило без поддршка.

 

Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за високото образование, и донесе одлука по усогласување на одредени членови, да биде пуштен во собраниска процедура до негово усвојување.

Со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, како и признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.

 

На денешната седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со одговорот на Министерството за транспорт и врски до Европската Комисија за шемата на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници кои го користат аеродромот во Скопје.

Во однос на постапката за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници, Комисијата за заштита на конкуренцијата се произнесе дека во овој случај Министерството за транспорт и врски се однесува како инвеститор во пазарна економија, и дека финансиската поддршка на домашните и странските авиопревозници е целосно усогласено со соодветното европско законодавство. Во одговорот до ЕК се наведува дека на долг рок ова субвенционирање генерира позитивен ефект и придонесува за остварувње на поволен финансиски резултат и зголемување на БДП на земјата.

 

Владата денеска го прифати предлогот на Министерството за надворешни работи за потпишување Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за заемно укинување на визите за државјаните на двете земји, како и предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за потпишување на Спогодба за еднострано времено укинување на визите за краткорочен престој за државјаните на Република Украина, Руската Федерација, Азербејџан и Казахстан.

 

Владата го разгледа конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи за 2016 година на јавна здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија, со препорака оваа установа да изработи Акционен план за имплементација на дадените препораки, а Министерството за здравство да го следи и олесни процесот на имплементација на дадените препораки.

Истовремено, заклучок на владата е Министерството за здравство да процени дали е потребно Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на јавна здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија, Скопје, да се достави до Јавното обвинителство на Република Македонија.