Презентирани владините политики на „Самитот на мали земји-нови трендови на бизнисот“: Стимулираме извоз и капитални инфраструктурни проекти, и доближување на услугите до граѓаните, а не на граѓаните до услугите
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска учествуваа на „Самитот на мали земји-нови трендови на бизнисот“, во организација на Стопанската комора на Македонија.
Во своето обраќање вицепремиерот Анѓушев истакна дека во насока на поинтензивен економски раст, Владата работи на создавање и одржување на добри односи со сите земји, за развивање на меѓусебната економска соработка и подобрување на можностите на домашните компании за подигнување на конкурентноста.
„Постојат три можности за овозможување на повисоки стапки на раст на Бруто домашниот производ како што се зголемување на домашната потрошувачка, зголемување на извозот и инвестиции во капитални проекти. Знаеме дека има можности за подобрување на домашната потрошувачка, но тие се лимитирани и токму во таа насока Владата се одлучи растот на БДП да се поттикне преку стимулирање на извозот и со повисоки инвестиции на државата во капитални проекти, како што се изградба на патишта и железница, со особен фокус на коридорот 8, како и изградба на енергетска инфраструктура“, потенцираше Анѓушев.
Во насока на подобрување на конкурентноста на македонските компании, Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека се донесени мерки за поддршка на стопанството со кои се стимулира технолошкиот развој на компаниите, нови инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните.
„Планот за економски раст особено внимание посветува на интернационализацијата на македонските компании, односно поддршка за унапредување на нивната конкурентност и зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари. Особено е значајно дека Владата препознавајќи ја потребата на бизнисите за пристап до поголеми пазари, односно до повеќе потрошувачи, креираше мерки токму за неповратна финансиска поддршка за компании кои ја зголемиле својата конкурентност на нови пазари, како и поддршка на компаниите за освојување на нови пазари и пораст на продажбата“, подвлече Анѓушев.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на настанот „Самит на малите земји - нови трендови во бизнисот“, ја отвори панел сесијата насловена: „Што ќе донесе дигиталната трансформација во секојдневието на бизнисот“.
Во своето обраќање министерот Манчевски се осврна на дигиталната трансформација, на којашто во моментов работи МИОА, со поддршка од бизнис заедницата, регионот и Европската Комисија.
„Дигитализацијата и реформите во ИКТ сферата во Западен Балкан во моментот е еден од приоритетите на Европската Комисија. Со воспоставување на единствен дигитален пазар од сите WB6 земји се очекува да придонесе во развој на дигиталнотот општество, но и економски раст во регионот, зголемување на иновациите, системски реформи во администрацијата и институциите. Тоа ќе придонесе и до зголемување и подобрување на квалитет на животот на граѓаните во сите сфери“, истакна Манчевски.
Зборувајќи за заложбите на Министерството за информатичко општество и Владата на Република Македонија, министерот Манчевски претстави дел од проектите кои се однесуваат на целосна дигитализација на Македонија, и доближување на услугите до граѓаните, а не на граѓаните до услугите.
„Свесни сме дека ние како Влада и вие како бизнис сектор мораме да се фокусираме на граѓаните. Со цел да ја постигнеме целосна дигиталната трансформација ние во моментов работиме на повеќе проекти од оваа област како што се: е-услуги за граѓаните, креирање на национален портал, портал за отворени податоци, отворање на технолошки парк, стратегија за широкопојасен интернет...“, информираше министерот Манчевски.
Министерот Манчевски соопшти дека во креирање на тековни активности, но и идни планови на МИОА, активно се вклучени ИКТ компаниите.